ПОВЕЌЕ

    Пензиите треба да се повисоки, но од каде пари?

    Време зa читање: 6 минути

    Со темпото на иселување на младите од државата и со стареењето на нацијата, јасно е дека ПИОМ не може да ја обезбеди сумата од дополнителни 230 милиони евра на годишно ниво. Парите ќе треба да ги даде државата. А, кога нема реална економска основа, тогаш единствен излез е задолжувањето

    Не е праведно некој што работел 30-40 години и исто толку години придонесувал во Фондот, да се изедначува со некој кој работел 15 години. Тоа е ставот на власта во однос на барањата од пензионерите за линеарно зголемување од 3.500 денари и одредување минимална пензија во износ од 80 отсто од минималната плата, наспроти шестте проценти што им следуваат како усогласување со просечната плата и животните трошоци.

    Истот мислење го делат и одделни економски експерти, кои упатуваат на тоа дека линеарното зголемување на пензионерските примања е противзаконско. Притоа, образложуваат дека „нема почисти пари во оваа држава од уплатите на придонесите за пензиите во пензискиот фонд“. Или, кој колку уплаќал, толку и ќе има пензија. Затоа, велат, не треба да се посега по пензискиот систем, кој и онака е ранлив, туку проблемот со загрозените пензионери да се решава со мерки од доменот на социјалната политика.

    Меѓутоа, не може да се поттурне под тепих фактот дека меѓу сегашните и идните пензионери има и такви кои чесно го одработиле или го одработуваат работниот век, а сепак имаат дупка во стажот, затоа што работодавачите не ги плаќале придонесите.

    За нив во 2020 беше дадена можност за докуп на стаж со Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Што значи, оштетените од свој џеб да ја надополнат празнината. Инаку, според Законот, основицата за пресметка и плаќање на придонесот е 20 отсто од просечната плата за претходната година од годината во која е поднесено барањето за докуп на стаж.

    Неправдата на која се повикуваат властите, всушност произлегува од системот, затоа што државата во одредени периоди ги затворала очите пред неправилностите од типот неплаќање придонеси. Тоа се провлекува од времињата кога фирми одеа под стечај, кога беше масовна продукцијата на технолошки вишоци, кога луѓе остануваа без работа, кога газдите фаќаа „кривини“ и не ги намируваа обврските за здравствено и пензиско осигурување, кога и со солиден стаж подоцна се утврдуваше дека многумина воопшто и немаат стаж…

    Впрочем, таложењето на неправдите го толерирале владејачките гарнитури без оглед на партиите од кои биле составени. Сега само доаѓаат за наплата сите „незабележани“ пропусти и аномалии, сите нереформски, површно или воопшто неспроведени реформи.

    На страницата на ПИОМ се уште се актуелни јунските статистики, според кои во државата има 337.054 пензионери. Од нив, само 1.526 се со солидни пензии кои гарантираат дека корисниците ќе ги избегнат главоболките по прашањето за висината на месечните примања. Со средства во распон од 48 до близу 70 илјади денари, може да се живее. Сите други треба да му ја мислат. Најниската пензија е 11.897, а просечната е 19.106 денари. Во првата група со пензии до 13.278 денари се 94 илјади лица. Па, и да не е инфлацијата и растот на трошоците, со тие пари е невозможно да се закрпи месецот.

    Затоа пензионерите се организираат и бараат – за почеток по 3.500 денари за секој од нив, а потоа утврдување и минимална пензија од 18.000 денари.

    Од економски аспект и логика, коректно е укажувањето на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, дека секое нереално зголемување на пензиите ќе ја доведе во прашање стабилноста на Фондот за пензиско осигурување. „Не сакаме да бидеме популисти и да дадеме линеарно или зголемување на пензиите кои ќе ги задоволат пензионерите, за по три-четири месеци ниеден пензионер во државата да не земе пензија. Мора да се води сметка за стабилноста на Фондот, мора да се води сметка секој пензионер секој месец да си ја добива пензијата која што ја заслужил“, наведе Тренчевска во телевизиско гостување, додавајќи дека барањето за плус 3.500 денари би ја чинело државата дополнителни 220 милиони евра годишно.

    Последниве десеттина дена, откако е актуелна јавната манифестација на пензионерско незадоволство, министерката често повторува дека за нецели две години пензиите пораснале за 24 насто. Односно, дека е воспоставен систем кој обезбедува постојан раст.

    „Минатата година низ транспарентен процес заедно со Сојузот на пензионери и Партијата на пензионери ја донесовме новата методологија која обезбедува усогласување со трошоците за живот и просечната плата. Тоа е најреалниот пораст на пензиите. Тоа е системско решение кое овозможува постојан раст на пензиите“, посочи министерката на средбата со претставниците на Иницијативниот одбор на пензионерите.

    Од друга страна, нема логика – економска, ниту зголемувањето на функционерскте плати и оптоварувањето на државната каса со нови 15 милиони евра годишно. И тоа во најсиромашната  држава на европскиот континент, која беше во криза и пред Ковид-пандемијата и пред руската инвазија на Украина.

    Оттаму делуваат несериозно изјавите „почитуваме судска одлука“, „не сакаме, Судот така одлучи“… Исто така, во споредба со спорните 78 проценти, со кои стартуваше и општото незадоволство, како капка во море делува ланската помош од по три илјадарки која пензионерите ја добиваа во период од три месеци, а сега се споменува како адут на Владата.

    Факт е дека пензионерите имаат редовни примања кои, иако минимално, сепак се поместуваат два пати во текот на годината. Воедно, факт е дека оваа власт ја воведе социјалната пензија наменета за сите тие кои според возраста се за пензионирање, но ги немаат минималните 15 години стаж.

    Но, исто така, факт е дека бројот на пензионерите се зголемува, а со текот на годините се зголемуваат и средствата кои се исплатуваат од државниот Буџет за да се пополни дупката кај ПИОМ и за да има непречена исплата на пензиите. Според податоците од 2021 година – 500 илјади евра. Конкретно, во последниот ревизорски извештај е наведено: „Поради недостаток (дефицит) на средства за исплата на расходите за социјални бенифиции во 2021 година од буџетот на РСМ трансферирани се средства во висина од 30.580.301 илјада денари, а учеството на овие средства во вкупните приходи на Фондот бележи намалување во однос на 2020 година и изнесува 37,5% од кои 29% се за покривање на тековниот дефицит за исплата на пензии“.

    Затоа, прашањето е – од каде пари?

    Доколку се удоволи на барањето за линеарка од плус 3.500 денари, тоа би претпоставувало уште 1.179.689.000 денари, или 19,1 милион евра месечно. На годишно ниво речиси 230 милиони евра. Со темпото на иселување на младите од државата и со стареењето на нацијата, јасно е дека во Фондот не може да се слее таа сума. Парите ќе треба да ги обезбеди државата, а кога нема реална економска основа, тогаш единствен излез е задолжувањето.

    новинар:

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично