ПОВЕЌЕ

    ПЧЕНИЦАТА ВРЕДИ, НО КОЈ ЈА ВРЕДНУВА? Пелагонија жетви со квалитет, а се плаќа како трета класа

    Време зa читање: 3 минути

    Во земја каде лебот е симбол на секојдневниот живот, апсурдно е што сè помалку се исплати да се одгледува жито. Македонија, која веќе увезува речиси половина од потребната пченица, и натаму го занемарува домашното производство. Иако жетвата годинава ветуваше квалитетен род, производителите се соочуваат со понижувачки ниски откупни цени – дури и под производната вредност.

    Земјоделците од плодната Пелагонија се разочарани и гневни. Наместо ветените 12 денари по килограм за прва и втора класа пченица, реалноста на терен вели – 11, па дури и 10 денари, без објаснување. „Три кила пченица вредат колку едно пакетче смоки“, велат жетварите, изразувајќи го својот очај. А некои отворено се закануваат: „Ќе садиме тутун наместо жито – тоа се исплаќа!“

    Ситуацијата е уште потешка за оние што немаат услови да ја складираат пченицата и мораат да ја предадат веднаш по жетвата. Иако државата најави дека ќе ги покрие трошоците за складирање, многумина немаат пристап до силоси или се плашат дека ќе останат без исплата. Се забележува и тренд на нередовна исплата – пченицата се предава, но парите не легнуваат на сметка.

    Според официјалниот договор, цената од 12 денари по килограм важи за пченица со хектолитарска тежина над 78 хл (или над 76 за втора класа), додека трета класа со 72 хл треба да се откупува по 11 денари. Но земјоделците велат дека во практика откупувачите не го почитуваат ова.

    Потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Гоце Серафимов, признава дека пазарната економија е сурова. Но и тој апелира до земјоделците да не брзаат со продажба: „Цената ќе се покачи по жетвата, државата ги покрива трошоците за складирање“. Тој потврдува дека првичниот квалитет на пченицата бил одличен, но жештините во последните денови го намалиле. „Се плаќа според квалитетот – но дури и тогаш, треба да се почитува договореното“, вели Серафимов.

    Министерот Цветан Трипуновски беше на обиколка на неколку откупни пунктови во Пелагонија. Тој тврди дека надзор се врши, дека се утврдени одредени неправилности и дека инспекторатот е на терен. „Квалитетот на пченицата е исклучително добар, ќе има санкции за секој што не го почитува договорот“, рече министерот.

    Од Министерството информираат дека земјоделците добиваат субвенции по 22.300 денари по хектар (вклучително и зелена нафта), но тие средства не можат да ги покријат загубите ако килограм пченица се продава по цена пониска од чинењето – кое, според самите земјоделци, изнесува од 15 до 18 денари по килограм.

    Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци и фармери, вели дека откупувачите калкулираат и не го исполнуваат ветеното. „Јавно потврдија 12 денари плус транспорт. Сега или ќе платат 12 – без транспорт, или 11 – со транспорт. Тоа не е договорот!“, предупредува Стојкоски.

    Земјоделските здруженија бараат итна реакција и транспарентност во откупот, поттик за складирање, но и долгорочна стратегија: пред да се увезе, да се искористи домашното производство.

    Македонија има потенцијал да си го обезбеди лебот, но тоа ќе биде можно само ако пченицата не се плаќа како да е отпад, туку како национален ресурс.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично