Пари ги праша економските експерти каква 2026 година нѐ очекува – стабилизација или нови удари врз животниот стандард. Нивните одговори отвораат клучни прашања за неопходните реформи и наместо новогодишна честитка носат јасна порака до Владата за тоа што повеќе не смее да се одложува.
Павле Гацов – даночен експерт:
Да се пошегуваме со Новата година. Во анкета пред Нова година прашуваат македонски политичар – зошто не е реализирано некое ветување. Политичарот предновогодишно умно одмолчува, но веќе на 1-ви јануари како од топ враќа со одговор: „Тоа е пренесен проблем од минатата година“… па потоа некако полесно ги правда причините за нереализираните ветувања.
Во реалниот живот годините се само отсечки на времето кое тече без застој. Затоа и ништо не се случува одеднаш и неочекувано. Сѐ има континуитет. Надежта и очекувањата во 2026 година произлегуваат од реализираното и планираното во 2025 година. Се чини дека, сепак, во 2026 година може да очекуваме реализација на некои од ветувањата за промени во општествено- политичкиот и економскиот систем на државата. Овде, пред сѐ, мислам на правосудството, дигитализацијата, јавните инвестиции, систематската борба против сивата економија итн.
Од друга страна, извесно е дека во 2026 година ќе продолжат истите безбедносно-политички ризици и економските предизвици пренесени од минатиот период, засилени со новиот модел на економски мултиполарен протекционизам во светот. Забавувањето на германската економија директно и американските царини индиректно, имаат негативно влијание врз македонската извозно ориентирана автоиндустрија. Како последица на овие глобални економски и безбедносни процеси, постои ризик од контракција на работењето на извозните индустриски капацитети и отпуштање на работници со специфични знаења. Извозот ќе биде под притисок на глобалните случувања.
Државата ќе продолжи со реализација на започнатите инфраструктурни проекти, поддршка на градежниот сектор и раст на бруто инвестициите и јавната потрошувачка како главна потпора за растот на бруто домашниот производ.
На административен терен очекувам клучни за подобрување на економијата да бидат реформите во правосудството и јавната администрација, особено делот на дигитализација на процесите на државната управа, борбата против сивата економија и даночната евазија. Истовремено, а заради товарот на отплата на јавниот долг и трансферите кон Фондот за ПИО и другите трансфери кои ја слабеат потенцијалната инвестициска сила на државниот буџет, потребно е отворање на серија економски реформи кои ќе овозможат побрз економски развој. 2026-та е одличен тајминг за почеток на еден ваков процес.
Минатата 2025 беше година на одржување на постојната економска кондиција на државата. А оваа треба да биде година на придвижување на економијата и раст на бруто домашниот производ. Сепак, за ова да се случи, потребни се реформи кои ќе создадат услови за ослободување на бизнисот од административните стеги, вклучување на нерегистрираните трговци во легалниот еко систем, почитување на прописите во секој поглед од сите учесници, системско санкционирање на прекршителите…
Платите се важна алка во системот на работните односи на кои почива бизнисот. Растот на платите, но и подобрувањата на општествено-економскиот систем се клучна алка за мотивација на вработените да ја градат својата семејна иднина во Македонија. Конкурентните плати во регионот од една страна, потоа високите плати и добрите системи на образование, здравство, социјална заштита и екологија на запад од друга страна, потоа потребата од задржување на работа на најквалитетните кадри, како и притисокот од инфлацијата се главни индикатори кои мора да се имаат предвид при утврдување на висината на платите, односно нивното зголемување. Краткорочните ефекти од високиот профит за сметка на платите ги руши позициите на македонскиот бизнис на среден и долг рок. Компромисот меѓу интересот на сопствениците, работниците и потребата од постојани иновации и дигитализација треба да биде поставена на вистински начин за секој деловен субјект.
Дигитализација на процесите и постапките пред државните органи, интероперабилност на процесите, административни реформи, реформи во правосудството, борба до истребување на сивата економија, демонетизација, привлекување на странски инвеститори надвор од автомобилската индустрија, се само некои од моите очекувања кои треба да се случат во 2026 година. Се чини дека поместувањето само на пет точки од општествено-економскиот систем ќе го врати оптимизмот кај македонските граѓани. Да започнеме со примената на „сејф сити“ и еколошки подобрувања…
А, пораката за Владата е – да ја работи работата за којашто е избрана. Да го менува и подобрува општествено-економскиот и политички систем и да не се осврнува на попатните проблеми ако успешно ја остварува поголемата цел – да станеме подобра држава. Среќна и успешна Нова година!
Подготви: Маја Анастасова
Аналитика








