Европа сѐ уште е континент каде што полесно и поевтино е да се лета отколку да се патува со воз – иако авионите се најзагадувачкиот вид транспорт. Нов извештај на „Гринпис“ открива дека нискобуџетните летови во просек се поевтини од возовите на повеќе од половина од меѓународните линии во рамките на Европа, а разликата во цените на моменти е шокантна: патувањето од Барселона до Лондон може да чини само 15 евра со авион, но дури 389 евра со воз. Тоа значи дека летот е 26 пати поевтин, иако емисиите на јаглерод диоксид по патнички километар се пет пати повисоки, а во случај возовите да се напојуваат со обновлива енергија, тие би биле над 80 пати помалку загадувачки од авионите.
Анализата опфати 142 рути во 31 европска земја, вклучувајќи 109 прекугранични и 33 домашни линии пократки од 1.500 километри. Истражувачите ги споредиле цените на билетите во девет различни дена и три периоди на резервација и заклучиле дека летањето е поевтино 54% од прекуграничните релации, додека возот има предност на само 29 рути, претежно во Централна и Источна Европа. Литванија, Полска и Словенија се издвојуваат како земји каде што железничките билети се најконкурентни, додека Франција, Шпанија, Обединетото Кралство и Италија речиси целосно се наоѓаат на страната каде што возовите се поскапи.
„Гринпис“ укажува дека причината не е во ефикасноста на авионскиот превоз, туку во искривениот даночен систем кој ја фаворизира авијацијата. Авиокомпаниите се ослободени од даноци на гориво и ДДВ за меѓународни билети, додека железничките оператори ги плаќаат сите давачки, повисоки трошоци за енергија и скапи инфраструктурни такси. Тоа им овозможува на нискобуџетните превозници како „Рајанер“, „Виз Ер“, „Изиџет“ и „Вуелинг“ да нудат билети по цена пониска и од самите аеродромски такси.
Ситуацијата е поизбалансирана на домашните линии: на 70% од испитаните рути железницата била поевтина опција, што се должи на поголемата поддршка од владите за националните оператори. Но токму во меѓународниот сообраќај – каде што е и најпотребно намалување на емисиите – железницата губи.
Извештајот сепак бележи и знаци на подобрување во однос на анализата од 2023 година: бројот на рути каде што возовите се поевтини пораснал за 14 процентни поени. Дел од причината е намалувањето на некои ултраевтини авионски врски и забавувањето на растот на железничките тарифи, а дел и оживувањето на ноќните возови, кои повторно стануваат атрактивна и поеколошка алтернатива.
Но според „Гринпис“, тоа е далеку недоволно за да се исправи систем кој, како што велат, поттикнува климатска неправда и ги наградува најзагадувачките начини на транспорт. Организацијата бара Европската Унија и владите да укинат даночни повластици за авијацијата, да инвестираат повеќе во железничката инфраструктура и да воведат „климатски билети“ – пристапни, унифицирани карти валидни низ националните и прекугранични мрежи. „Секоја рута каде што авионот е поевтин од возот е политички неуспех“, предупредува активистот Хервиг Шустер, нагласувајќи дека Европа мора да ја направи железницата најлесна и најдостапна опција – ако навистина сака да ја сфати сериозно борбата против климатската криза.