ПОВЕЌЕ

    ПАСИВНИ ФИРМИ – АКТИВЕН ДОЛГ: Како ќе се наплатат 828 илјади евра?

    Време зa читање: 4 минути

    Од 25 фирми државата побарува 50.911.637 денари, односно околу 827,8 илјади евра. Можеби некогаш и ќе се наплати, и покрај тоа што тие во меѓувреме згаснале. Некои не се активни и повеќе од една деценија, а кај последната на овој список прекинот е официјализиран на почетокот од март.

    Најголемиот дел од обврските се за ДДВ – 639,4 илјади евра. Долгот произлезен од данокот на добивка изнесува околу 152 илјади евра, од персоналниот данок на доход (ПДД) за плати и придонеси е 36,4 илјади евра. Ова е дел од генералната слика што ја дава последната Листа на должници што Управата за јавни приходи ја објави на 10 март.

    Анализата на Пари базирана на податоците од Бизнис Мрежа, дава уште една потврда дека добар дел од фирмите „паѓаат“ на данокот на додадена вредност. Во овој случај, само четири должнички субјекти ја намириле оваа давачка.

    Што се однесува до географската поставеност на пасивните должници, седум се од Скопје, три од Струга, по две се од Кичево, Штип и Кочани. Во Охрид, Струмица, Гевгелија, Прилеп, Долнени, Куманово, Велес и Богданци има по една ваква фирма.

    Меѓу нив, најбројни се фирмите од трговската, производната и од услужните дејности, а има и од ИКТ секторот, од градежништвото, па и адвокатско друштво.

    ПЕТ ФИРМИ „ЧУВААТ“ 67,8 % ОД ДОЛГОТ

    Поединечните долгови на овие 25 деактивирани фирми се движат од над пет илјади до над 164 илјади евра. А, првите пет со највисоки нерасчистени обврски должат повеќе од половина милион евра или 561,3 илјади евра. Или, тие држат 67,8 отсто од вкупниот долг.

    Друштвото за производство, промет и услуги Баби, кое не функционира од 2024 година, е носител на најголемиот дел од долгот – 164,2 илјади евра. Од тоа, 160,6 илјади се за ДДВ. Гостиварскиот Ален Трејд Ком 2017 по истата основа треба да плати скоро 125,9 илјади евра, а заедно со ненамирениот данок на добивка – 131,8 илјади евра.

    Споменатите три струшки должници се во првата постава: Изи Шоп од Лабуништа(105,3 илјади евра), Цома-Мол (над 87 илјади) и Фабрика Пули од Велешта (72,9 илјади).

    Извор: Бизнис Мрежа

    ДОЛЖНИК И ПО 16 ГОДИНИ МИРУВАЊЕ

    Кога станува збор за најдолготрајните долгови, листата покажува дека дел од обврските датираат повеќе од една деценија. Меѓу овие 25, најстар случај е Фоти фешн од Штип. Долгот од 7,1 илјада евра опстојува, иако фирмата за производство и трговија е под клуч од 2010 година.

    Следи Омега од Скопје. Друштво за градежништво и трговија прекинало со работа уште во 2011 година, а сѐ уште должи седум илјади евра.

    Една година подоцна (2012) е „одјавено“ заштитното друштво за производство, трговија и услуги Мода – СЛС од Кочани, а зад себе има долг од безмалку шест илјади евра. Од 2015 година не работи и С.К.К. – друштво за компјутерски инженеринг од Скопје, кое не платило 20 илјади евра.

    Останатите три од оваа табела не работат од 2016 година. На УЈП листата, пак, како активни должници се по четири субјекти кои згаснале во 2019 и во 2021 година, три во 2022 година, по две во 2020, во 2024 и во 2026 година.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Како главен должнички центар, во Скопје се и најголем дел – седум од фирмите кои повеќе не се активни, но имаат обврски кон УЈП и кон државата. Исто така, и форматот ДООЕЛ е најзастапен. Или, од 25 само четири се субјекти од друг вид, од кое едно е акционерско друштво.

    Проблемот со наплатата кај згаснатите компании е хроничен. Шансите за израмнување на сметките се намалуваат со текот на времето, отворајќи прашања за ефикасноста на механизмите за рана наплата и обезбедување на побарувањата.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично