
Мартовската минимална нето – плата, согласно Законот за минимална плата треба да биде поголема за 1.667 денари од сегашните 24.379 денари и ќе изнесува 26.046 денари, пресмета „Пари“.
„Исплатената висина на минимална плата во бруто-износ за месец март секоја година се усогласува со: 50 % од порастот на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и – 50 % од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика“, пишува во Законот за минимална плата.
Државниот завод за статистика ги објави податоците за просечната бруто-плата, податок кој сите го очекуваа. Таа во 2025 година изнесувала 67.951 денар, а во 2024 година била 61.984 денари. Ова значи дека за една година просечната бруто-плата се зголемила за 9,62 насто.
Исто така, Државниот завод за статистика ја објави и просечната инфлација во 2025 година во однос на 2024 година, и таа изнесува 4,1 процент.
Со примена на формулата од законското решение „Пари“ дојде до податокот за новата загарантирана минимална плата.
Во бруто-износ, новата минимална плата, согласно Законот треба да биде зголемена за 2.470 денари, од сегашните 36.037 денари, на 38.507 денари.
„Пари“ користеше онлајн конвертор (https://plata.m.ie.mk/) за претворање на бруто во нето-плата.
Официјалните пресметки за новата минимална плата, сепак, треба да стигнат од Министерството за труд и социјална политика.
Во меѓувреме, Сојузот на синдикати ја продолжува својата битка за минимална плата од најмалку 600 евра и за соодветен раст на сите други плати за најмалку 6.000 денари.
Синдикалната минимална кошница за февруари изнесува 67.382 денари и во однос на синдикалната минимална кошница за јануари е зголемена за 969 денари.
Од ССМ велат дека за само два месеци од почетокот на годината, најавеното усогласување на минималната плата што треба да се случи во март, е изедено со растот на минималната синдикална кошничка.
Иста услуга, различни банкарски провизии: Онлајн банкарство од 0 до 70 денари
– За само два месеци едно семејство е посиромашно за две илјади денари. За 24 месеци, односно онолку колку што одбиваа да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за повеќе од 10.000 денари и затоа наместо да се препукуваат на грбот на работниците и политичките партии да застанат со нив, да ја изгласаат минималната плата која треба да изнесува 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари – изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Од Владата, пак, во повеќе наврати повторија дека токму со законското усогласување на минималната плата, тие ќе ја зачуваат нејзината вредност. За некое вонредно зголемување, прстот го вперија во синдикатите и во работодавачите, потенцирајќи дека тие треба да постигнат договор, а дека Владата ќе го почитува. Сепак, Владата не прифати при евентуално зголемување на платите да ги субвенционира социјалните придонеси за износот на тој раст.
Р.П
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








