ПОВЕЌЕ

    ПАРИ ОТКРИВА: Кој и каде копа Биткоини во Македонија!? Се кријат во напуштени селски куќи и подруми

    Време зa читање: 4 минути

    Кој и каде копа Биткоини во Македонија?!Според податоците на нашиот портал Pari.com.mk во последните две години во реонот на Скопје е забележана зголемена активност на копање на криптовалути. Најинтересни за македонските рудари за копање се Биткоин и Етереум како најзастапени кај потрошувачите и најатрактивни со цени на крипто берзите. Од ЕВН Македонија кои го детектираа проблемот со зголемена потрошувачка на енергија поради рударите велат дека кражбите на струја најчесто доаѓаат од региони со кои и во минатотот имале проблем со крадење на струја.

    -Станува збор за проблематични реони каде што и во минатото сме имале проблеми со локалното население во однос на кражби и не дозволување да се дислоцираат броилата. Проблемите сега се зголемени со недозволени пристапи и оштетување на електроенергетските објекти, дефекти на изгорени осигурувачи, и оштетувања на нисконапонската мрежа од претовар, вели Ленче Карпузоска, менаџер на Одделот за комуникации на ЕВН Македонија.

    СКОПЈЕ И СКОПСКО ЛИДЕРИ ВО РУДАРЕЊЕ 

    Каде се локациите? Скопје и скопско се лидери за вакви актуелни непријавени бизниси со злоупотреба на електро дистрибутивната мрежа. ЕВН регистрирала активно копање биткоини во реонот на с. Љуботен, општина Арачиново, населба Сингелиќ, улица Дижонска во Чаир, улица Јајце во Гази Баба итн.

    -Имаме дојави дека копачите на биткоини ги сместуваат компјутерите и во напуштени селски куќи каде сметаат дека потешко ќе бидат откриени и нема да ја нарушат стабилноста во снабдувањето во соседството. И не би имало проблем доколку таквата потрошувачка е соодветна на мерното место каде мрежата што е дизајнирана за потребите на тоа корисничко место може да го поднесе зголемениот товар, и ако корисникот уредно ја плаќа потрошената електрична енергија. Но, најчесто, мрежата не е дизајнира за новосоздадената потрошувачка на струја при копање биткоини, а поединци се приклучуваат на диво за да ги избегнат големите трошоци за нивниот нов бизнис, потенцира Карпузовска.

    Неодамна откриен е случај и во подрум во Тетово, уште пред да се активираат компјутерите каде веке имало инсталиран нелегален приклучок.

    ЕДЕН КОМПЈУТЕР МОЖЕ ДА ПОТРОШИ СТРУЈА КОЛКУ 20 ДОМАЌИНСТВА

    Компјутерите што се инсталираат за оваа работа се лесно подвижни за пренос од објект во објект, а дополнително и се големи потрошувачи на електрична енергија (еден корисник може да потроши и колку 15 до 20 домаќинства).

    Потрошувачката сепак зависи од графичките картички кои се инсталираат – поновите серии се со помала потрошувачка меѓутоа во државата таквите се поскапи и недостапни и се користат постара серија на графички картички кои трошат ел.енергија и создаваат топлина, па дополнително се потребни вентилатори кои се исто дополнителни потрошувачи на електрична енергија.

    -За ваквите РИГ компјутери потребниот пресек за напојување е поголем од стандардниот пресек на кабел 4џ16мм2 кој што напојува едно домакинство и дополнително доколку се повеќе компјутери броилата не се во можност да мерат, па затоа нелегално инсталираат двојни напојувања од кои едното е директна кражба на електрична енергија, појаснуваат од ЕВН.

    ЧЕСТИТЕ ДЕФЕКТИ НА МРЕЖАТА ГИ ИЗДАВААТ КОПАЧИТЕ

    Откривањето на копачите најчесто е проследено со појава на чести дефекти на местата каде се инсталираат компјутери за таа намена, се лоцираат и со специјални уреди анализатори на потрошувачка, како и со контроли на напојни точки каде енормно се зголемува потрошувачката, а истата не може да се фактурира поради заобиколување на броилата и диво приклучување од страна на копачите.

    -Доста често пријави имаме и од самите потрошуваци кои бараат одредени објекти да бидат целосно исклучени од нисконапонските мрежи, бидејки го загрозуваат нивното снабдување со електрична енергија. Вакви дојави и расправии кај самите потрошувачи е забележана и на самите интернет портали каде се посочуваат поединци и се бара интервенција од надлежни служби да се проверат и отстранат компјутерите кои копаат, а кои прават штета на дистрибутивната мрежа. Постојат непотврдени информации дека поединци од салоните кои продаваат графички картички истовремено им нудат на купувачите и објект за сместување на РИГ компјутерите, со поволна кирија и со ветување дека нема да плакаат електрична енергија, велат од дистрибутивната компанија.

    Од ЕВН Македонија предупредуваат дека последиците од нелегално користење на струја за копање Биткоини се огромни и штетни како за компанијата, така и за корисниците, на кои им се нарушува нормалното снабдување, а и во екстремни случаи може да настанат и пожари поради претовар.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично