ПОВЕЌЕ

    ПАРИ ОТКРИВА: ПРОФИТИТЕ ОД БРЗИ КРЕДИТИ СЕ ДВИЖАТ ДО 4,8 МИЛИОНИ Евра годишно

    Време зa читање: 4 минути

    Со измени на Законот за финансиски друштва сите трошоци што можат да се наплатат за земен таканаречен брз кредит не може да надминат 60 проценти од позајмицата. Оваа новина отвора еден сосема поинаков однос со финансиските друштва кои низ годиниве беа мета на бројни критики. Новата регулатива треба да ги заштити должниците, но колку им одговара на доверителите? Финансиските друштва што даваат брзи кредити, за разлика од банките кои собираат туѓи депозити, вложуват свои пари и потоа ги позајмуваат, секако, за да остварат профит.

    Во Македонија има 35 финансиски друштва што даваат брзи кредити. Според објавени податоци базирани на Централен регистар, во 2022 година фирмите што давале брзи кредити направиле вкупен приход од 69,9 милиони евра, додека во 2021 година нивниот вкупен приход изнесувал 49,3 милиони евра. Во 2022 година вкупната добивка им била 15,9 милиони евра, а годината пред тоа изнесувала 10,9 милиони евра.

    Порталот Пари, во соработка со БизнисМрежа, направи анализа на најуспешните финансиски друштва. Може слободно да се каже дека минатата година направиле брилијантни резултати. Тоа, пак, значи и дека граѓаните повеќе се завртиле кон задолжувањето на побрз и поедноставен начин.

    На прво место е ФЛЕКС КРЕДИТ ДОО, со добивка од 4,8 милиони евра. Интересен факт е што оваа добивка забележува раст од дури 122 проценти во однос на добивката од 2021 година. Но, истовремено, приходите имале уште поголем раст, дури 144 проценти.

    Еве кое е најпрофитното друштво: Флекс кредити работи во четири европски држави, има над 2.000 вработени и над 130 филијали. Во Македонија, просечниот број на вработени минатата година бил 180, што е значаен скок во однос на годината пред тоа, кога имало 78 вработени.

    На второ место по добивка се наоѓа Финтек ДОО Скопје, која е препознатлива како бренд за брзи кредити Тиго. Лани направиле профит од 3,85 милиони евра, при значителен раст на добивката од 126 проценти во однос на годината пред тоа, а при помал раст на приходите (78 проценти) во однос на 2021 година.

    На трето место е Финансиски кредитен центар БС. Тој направил профит од 1,5 милиони евра, и остварил профитен раст за 13 проценти за една година, но имал намалување на приходот за 1 процент.

    Извор: БизнисМрежа.мк

    ДВЕ ФИНАНСИСКИ ДРУШТВА НЕ СЕ МЕЃУ НАЈПРОФИТНИТЕ, НО ПРАВАТ НАЈГОЛЕМ ОБРТ

    Ако, пак, се анализираат приходите на финансиските друштва, на прво место е Иуте Кредит Македонија ДООЕЛ Скопје. Ова финансиско друштво не е меѓу петте најпрофитни, и со вкупни приходи од 15,5 милиони евра направило добивка од 170.000 евра, што е за дури 86 проценти помалку од 2021 година. Како што може да се забележи, прворангираното друштво по добивка, Флекс кредит, добивката од 4,8 милиони евра ја направило со многу помал приход, од 9,89 милиони евра.

    И СН финансии ДОО Битола го нема меѓу петте најпрофитни, но се наоѓа на петтата позиција по приход. Тоа реализирало приход од 4 милиони евра и направило добивка од 774.000 евра. Притоа, друштвото забележало раст на приходите за 10 проценти, а на добивката за 22 проценти во однос на 2021 година.

    Извор: БизнисМрежа.мк

    Финансиските друштва кои даваат брзи кредити се под директна контрола на Министерството за финансии.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично