Компанијата во која има најголема просечна плата не е од ИТ-индустријата, а и не произведува ништо. Тоа е приватно претпријатије за времени вработувања. Станува збор за добро позната агенција „Партнер“. Таму според податоците на БизнисМрежа.мк лани имало највисок просек на исплатена месечна бруто плата од 604.660 денари (околу 10.000 евра). Во оваа компанија работат 15 вработени. Е сега дали за тој „просек“ е виновен само сопственикот, или менаџметот на компанијата, или колачот го делат сите вработени, тоа не може да се открие. Кај нас личните примања, освен платите што се плаќаат од џебот на народот, се сметаат за заштитени податоци.
Анализата на „Пари“ во соработка со платформата БизнисМрежа.мк открива дека:
- Mинатата година оваа фирма имала вкупен приход од 2,7 милиони евра и овој приход бил за 15,2 проценти поголем отколку во 2019 година фирмата била во загуба од околу 29.000 евра, но сепак ги „победила“ сите компании во државава во однос на исплатената просечна плата!
- Патем, во 2019 година кога имала вкупен приход од 2,4 милиони евра, таа имала добивка од 19.700 евра.
Но, да објасниме како функционираат агенциите за привремени вработувања. Приходот, всушност се пари што агенциите секој месец ги добиваат од оние на кои им обезбедуваат работници, но од тој вкупен приход тие треба да ги исплатат тие работници, да им ги уплатат придонесите – пензиски и здравствен, а за нив следува одреден процент, и тоа од секоја бруто плата. „Клиенти“ за привремено вработените се всушност јавни и државни институции. Приватните претпријатија за привремени вработувања учествуваат на тендер и со својот процент се борат за „клиентите“.
Разлиставме повеќе договори кои се јавно достапни на Бирото за јавни набавки што ги склучил „Партнер“ и можевме да видиме дека неговиот надоместок бил 6-7 проценти од секоја бруто плата.
Најголема бизнис-зделка на агенцијата „Партнер“ и оваа и минатата година била Управата за јавни приходи. Годинава, во мај, агенцијата со УЈП склучила договор за 27.000.000 денари со ДДВ, или 440.000 евра. Надоместокот на агенцијата е 6,79% од бруто плата на секој отстапен работник. Договорот е рамковен за привремено ангажирање на работнци од 15.05.2021 до 31.12.2022 година.
Минатата година, Управата за јавни приходи со агенцијата „Партнер“ склучила договор во износ од 25 милиони денари (околу 400.000 евра) со ДДВ. Во договорот е наведено дека надоместокот за отстапување на привремено вработен е 6 проценти од бруто платата, а во извештајот за реализација на договорот, исто така достапен на Бирото за јавни набвки, е наведено дека од договорениот износ се реалзирани 15.550.418 денари (253.000 евра).
Во образложенијата за слкучените договри за привремени вработувања, УЈП навела дека од оваа агенција ќе користи работници за: отсутен работник, привремено зголемен обем на работа, работа на проекти, специфични некарактеристични работи за УЈП, како и во слулај на непредвидливи ситуации.
ДЕЛ ОД ДОГОВОРИТЕ ШТО ЛАНИ ГИ СКЛУЧИЛА АГЕНЦИЈАТА „ПАРТНЕР“
Вредност на договор (денари) | Корисник |
---|---|
472.000 | Училиште во Струмица |
1.200.001 | Општина Градско |
696.200 | Училиште во Муртино |
1.180.000 | Универзитетска клиника |
1.416.000 | ЈЗУ Центар за јавно здравје - Струмица |
3.500.000 | Општина Велес |
8.260.000 | Градинка - Струмица |
2.800.000 | Училишта - Охрид |
235.988 | Училиште - Прсоениково |
691.000 | Централен регистар |
295.000 | Општина Дебарца |
25.000.000 | Министерство за финансии |
590.000 | Центар за социјални работи-Скопје |
660.000 | Училиште - Кавадарци |
708.000 | ЈЗУ Центар за јавно здравје - Велес |
999.999 | Општина Дојран |
708.000 | Комунална хигиена -Новаци |
2.500.000 | Општина Охрид |
369.000 | МЕПСО |