Секој возрасен и финансиски независен човек се труди да си обезбеди повеќе пари и да заштеди за во иднина. Луѓето што се работно активни имаат најголеми шанси да заработат пари и дел од нив да ги инвестираат, со цел да остварат и дополнителна заработка. И ова е разумен нагон што го прави човекот одговорна личност која се грижи за својата иднина.
Како македонските граѓани се грижат за својата финансиска иднина? Финансиските показатели за животниот стандард и платите на граѓаните во земјава не се многу среќни, така што ако се водиме од нив, не треба да очекуваме дека на граѓаните им остануваат многу пари со кои би можеле да создаваат вредни заштеди и инвестиции што ќе им користат подоцна. Но, овие финансиски показатели во реалноста некако ја губат својата веродостојност. Kога ќе се стават во корелација со други бројки – добиваме слика полна со парадокси.
„ПАРИ“ ЕКСКЛУЗИВНО: ВО КОЦКАРНИЦИТЕ И ОБЛОЖУВАЛНИЦИТЕ НАРОДОТ ЛАНИ ОСТАВИЛ РЕЧИСИ 800 МИЛИОНИ Евра!
Кои се тие други бројки? Тоа се податоци за парите што ги вложиле граѓаните на Македонската берза, во депозити во банките, во полиси за животно осигурување, во удели во инвестициски фондови и во приватни пензиски фондови. Ова се инвестициски можности што им стојат на располагање и кои им носат или може да им донесат дополнителен принос. Но, ги анализираме и податоците за парите што ги потрошиле граѓаните во обложувалници и кладилници, а кои исто така ги „вложиле“ со намера да остварат заработка. И, токму последните се апсолутни победници.
Овие бројки го покажуваат парадоксот на финансиската (не)моќ на македонските граѓани. Тие од своите лични и семејни буџети во минатата година успеаја да одвојат речиси 800 милиони евра за да ги потрошат во обложувалници и кладилници. Toa значи дека секој македонски граѓанин потрошил 437 евра на машини и тикети што „ветуваат“ голема среќа. Ако се исклучат децата и граѓаните што се надвор од земјата, сумата што ја потрошил секој посетител на овие објекти станува и повеќе од двојно поголема.
Овој износ од 800 милиони евра е поголем од збирот на сите вложувања на граѓаните во депозити во банка, во животно осигурување, во инвестициски фондови и во хартии од вредност на Македонската берза направени во минатата година. Во овие финансиски инструменти граѓаните вкупно вложиле 552 милиони евра.
Најголем дел од нив завршиле во банките и штедилниците, околу 417 милиони евра. На крајот од 2022 година граѓаните имале заштедено во банките и штедилниците 323,1 милијарда денари, а на крајот од 2023 година нивните заштеди се зголемиле на 348,7 милијарди денари. Просечната каматна стапка за штедење во банките во 2023 година изнесуваше 1,4%, а на новопримените депозити 2,19%. Тоа е приносот што го заработиле штедачите на вложените средства.
Приносот на инвестициските фондови во првите шест месеци од минатата година, според податоците на Комисијата за хартии од вредност, се движеше од 0,25% до фантастични 46,66%, зависно од видот на фондовите. Од вкупно 22 инвестициски фондови, само три имале негативен принос. Најмногу пари во удели на инвестициските фондови граѓаните вложиле во октомври и ноември минатата година, по 307, односно 344 милиони денари.
Во хартии од вредност на Македонската берза вложиле 50,7 милиони евра. Главниот берзански индекс МБИ 10 на крајот од 2023 година имаше раст од 8,21% во споредба со декември 2022 година.
Во приватните доброволни пензиски фондови во 2023 година членувале само 2,1% од вкупното работоспособно население, односно околу 4% од вкупното активно население во државата. Просечната возраст на членовите со доброволна индивидуална сметка била 44 години, а на членовите со професионална сметка е 49 години. Во 2023 година, во доброволните пензиски фондови се уплатени вкупно 431,95 милиони денари, односно околу 7 милиони евра. Притоа, вредноста на сметководствената единица на Сава доброволен пензиски фонд пораснала за 8,46%, на КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд за 6,46%, на Триглав доброволен за 6,37%, а на ВФП доброволен за 8,20%.
И покрај релативно високите стапки на принос кои ги носат сите овие финансиски инструменти, сепак македонските граѓани одлучиле многу повеќе пари да потрошат во коцкарници и обложувалници, со надеж дека ќе освојат големи добивки. Прашање е колку од нив успеале во тоа. Настрана што обложувањето и коцкањето претставуваат активности кои не се сметаат за исправни и корисни, пред сѐ, од финансиски аспект.
Редакција Пари