Под мотото „15 години зелени навики“, компанијата за управување со амбалажен отпад Пакомак го прослави својот голем јубилеј, една и пол деценија активно градење на свеста за рециклирање и здрава животна средина. Прославата се одржа вчера, на терасата на ресторанот „Дион Стенковец“, во присуство на најблиските партнери, соработници и поддржувачи, а настанот беше збогатен со македонска забавна музика.
Приказната на Пакомак започна во 2010 година, кога 11 домашни компании се здружија и ја основаа како непрофитна организација со цел да воспостави систем за селективно одложување и рециклирање на амбалажниот отпад. Од тогаш, компанијата израсна во водечки двигател на инфраструктурата за рециклирање, со постојана мисија – да ја подигне свеста кај граѓаните за важноста од правилно одложување на отпадот.
Благодарение на Пакомак, контејнери, канти и кутии за селекција денес се присутни во голем број општини, училишта, градинки и јавни простори. Системот на компанијата овозможува собирање на стаклена амбалажа во над половина од угостителскиот сектор, а граѓаните постепено развиваат поодговорен однос кон еколошките теми.
На свеченоста зборуваше генералниот директор на Пакомак, Филип Ивановски, кој истакна:
„Кога ја основавме Пакомак си поставивме големи и амбициозни цели, со цел да воспоставиме здрава врска со заедницата и да помогнеме во борбата за намалување на отпадот, неговото правилно спроведување, но и во едукацијата на нашите граѓани за тоа зошто е важно да се селектира и правилно да се одложува отпадот. Во секоја година од нашето постоење успеавме не само да ги оствариме, туку и да ги надминеме поставените цели, што ни дава огромно чувство на задоволство и надеж дека напорната работа ќе создаде подобри услови за идните генерации. Овие 15 години учевме, стекнувавме знаења и ја градевме нашата експертиза за да бидеме подобри, поуспешни, поефикасни… Денес сме посебно горди што со нашиот систем на партнери собираме над 40% од стаклената амбалажа во земјава и над 15 мил. парчиња лименки и шишиња преку нашите 84 ПВМ. Денес имаме над 790 компании-членки на нашиот систем кон кои имаме одговорност за совесно управување со нивниот амбалажен отпад, а соработуваме и со 68 општини и 30тина приватни компании во делот за собирање на отпадот. Не застануваме тука. Нашата цел е наредните години да бидат уште поуспешни. Затоа, ќе работиме уште понапорно и попосветено за да им оставиме подобар свет на следните генерации“, вели тој.
Со активен придонес и соработка со институциите и општините, Пакомак денес претставува клучен партнер во остварување на националните и глобалните одржливи цели. Јубилејот е потврда за досегашниот успех, но и поттик за уште поамбициозни чекори во иднина, во насока на почиста и поздрава животна средина за сите.