Берзанскиот ден почна делумно, а заврши целосно во црвено. Влијанието на царините на американскиот претседател ја стигнаа и Македонска берза. Работната седмица започна со пад на вредноста на акциите. На надворешните потреси не останаа отпорни ниту хартиите од вредност на најстабилните котирани друштва. Ударот од САД се одрази и минатата недела, меѓутоа темпото како да се засилува.
Паѓа и прометот од тргувањето. Сепак, тоа не важи за акциите на Комерцијална банка и на „Алкалоид“. Веројатно, одделни храбри инвеститори оваа неповолна ситуација ја процениле како шанса за идна заработка.
На берзанскиот тикер нема друга боја освен црвената, иако утрово имаше спорадична појава и на зелената.
Најголемиот пад е забележан кај акцијата на „Макпетрол“ – за 5,83 отсто. Просечната цена се намали на 99.173,17 денари од петочните 105.309,44 денари. Исто така, и прометот е помал. Изнесува 2.975.195 денари, а на четвртиот ден од април беше 5.476.090 денари. Инаку, оваа акција утрово стартуваше со минус од 0,65%.
Најтргуваната акција на официјалниот пазар – на Комерцијална банка, го заокружи денов со минус од 5,59 проценти (го почна со -0,34%). Просечната цена падна на 27.285,70 денари, за разлика од петокот и тогашните 28.900,44 денари. Прометот е 14.679.705 денари и е повисок од завршниот минатонеделен износ – 11.039.970 денари.
Вредноста на хартијат од вредност издадена од „Алкалоид“ во текот на првиот работен ден се намали за 4,45 проценти (по претходните -0,73%). Исто како и во случајот со Комерцијална банка, и овде прометот е зголемен. Сумата од тргувањето е 9.877.619 денари (8.215.710 во петокот).
Кај акцијата на Стопанска банка Скопје продлабочувањето на минусот е помало. Од петочните 3,28% со кои беше акција со најголем пад, понеделнички просечната цена дополнително се спушти до -3,70%. И, дојде до 2.551,82 денари (2.650 денари). Речиси е преполовен и прометот, кој на крајот од денов е 561.400 денари (1.136,85 – петок).
Меѓу петте најпогодени е и акцијата на НЛБ банка, со пад од 3,25%, од претходните навидум побезболни -0,68%. Нејзината просечна вредност сега е 55.733,33 денари (57.604,84 денари). Воедно, во случајов има драстичен пад кај прометот: во петокот беше 3.571.500 денари, а денес 334.400 денари.
Црвеното ги опфати и „Макстил“ со -3,06%. Всушност, денес акцијата на оваа компанија е во поповолна позиција од петочната и забележаните -6,04%. Акцијата на „Реплек“ загуби 2,99 отсто од вредноста, Уни банка 1,42, Македонски телеком 0,41, а Адинг 0,06 проценти.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој реши САД да немаат дефицит, минатата недела воведе увозни царини од 10 до 50 проценти, со кои се засегнати 185 земји. Како реакција, берзите низ светот загубија 2,7 трилиони долари. Наскоро ќе стартува и вториот царински пакет со стапки до 60 проценти. пролонгирање на вториот пакет царини, кои стартуваат за два дена и достигнуваат до 60 проценти
Кина веднаш одговори со реципрочни царини, а Европската комисија подготвува контрамерки.