ПОВЕЌЕ

    Паднаа блок-трансакциите – Падна и берзанскиот промет за 68 отсто

    Време зa читање: 3 минути

    Висок пад од 68,38 отсто е забележан кај берзанскиот промет во ноември. Исходот од тргувањата е 534.979.548 денари или 8,7 милиони евра. И покрај тоа, од аспект на вообичаената купопродажба на видовите хартии од вредност, резултатот е нешто подобар и изнесува 6,3 милиони евра, споредено со октомвриските 5,6 милиони евра. Разликата е во блок-трансакциите. Ако во октомври се зборуваше за 21,5 милиони евра, сега се намалени за 88,93 отсто: во 19 блокови се реализирани 2,4 милиони евра.

    Табеларниот состав на петте најтргувани акции е ист, со промени во редоследот. Всушност, измените се од второто до петото место. Кај две од овие акции има пад на месечниот промет во однос на месецот пред тоа.

    Акцијата на Комерцијална банка не отстапува од водечката позиција, иако во ноември се прикажани послаби перформанси. Истргувана е количина од 4.583 акции во 523 трансакции, при што е постигнат промет од 2,06 милиони евра. Цената се движела од 26.900 до 27.999 денари, а просекот е 27.691,93 денари. Во вкупниот промет оваа акција учествува со удел 33,38 проценти.

    Од четвртото во октомври, акцијата на Макпетрол, чиј промет од речиси 1,5 милиони евра е повеќе од удвоен (+129 %), преоѓа на второто место и има удел од 24,25 проценти. Максималната цена дошла до 117.000, минималната била 114.300, а просечната месечна е 115.813,99 денари. Регистрирани се 154 трансакции и 796 акции.

    Зголемен е прометот и со акцијата на Алкалоид, кој е во износ од 1,4 милиони евра. Со акцијата, која е сега на третата, а најчесто е на втората позиција, минатиот месец се остварени 336 тргувања. Во тие рамки цената одела од 25.400 до 25.850 денари, а средната вредност е 25.624,70 денари. Прометот направен од купопродажбата на 3.415, во вкупното берзанско салдо партиципира со 23,02 отсто.

    Едно скалило погоре во ноември се наоѓа акцијата на НЛБ Банка, со следните постигнувања: за еден месец прометот е повисок (+116,5 %), а сумата од 452,5 илјади евра е вложена во 485 акции преку 95 трансакции. Највисоката цена била 57.799, најниската 56.500, а просечната 57.419,62 денари. Уделот во вкупниот промет е 7,32 проценти.

    Од третото на петото ниво од табелата се спуштила акцијата на Гранит, под влијание на регистрираните движења на пазарот. Имало 57 трансакции, истргувани се 7.426 акции чијашто цена се движела од 1.620 до 1.700, па сѐ до просечните 1.672,21 денар. Во вкупниот месечен, остварениот промет од 201,8 илјади евра зафаќа 3,27 отсто.

    Инаку, на Македонска берза во текот на минатиот месец биле реализирани 1.434 трансакции (+6,83 %). Пазарната капитализација е во износ од 358.885.948.796 денари, односно 5,8 милијарди евра (-0,22 %). Пад од 1,01 отсто е регистриран кај МБИ10, па основниот берзански индекс го завршил ноември со 10.194,40 поени.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично