ПОВЕЌЕ

    ПАД ВО ИНДУСТРИЈАТА НА СТАРТОТ НА 2026 – Најмногу погодена преработувачката индустрија

    Време зa читање: 2 минути

    Индустриското производство во земјава на почетокот на годината бележи значителен пад. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во јануари 2026 година индустриската активност е намалена за 6,6 проценти во споредба со истиот месец минатата година.

    Најголемиот пад е регистриран во преработувачката индустрија, која во јануари забележала намалување од 8 проценти. Наспроти тоа, рударството и вадењето камен оствариле благ раст од 2,5 проценти, додека секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација е зголемен за 2,8 проценти.

    Според статистичките податоци, падот во преработувачката индустрија најмногу се должи на намаленото производство во повеќе значајни гранки. Помало производство е забележано во текстилната индустрија и производството на облека, како и во производството на хемиски суровини и производи, основни фармацевтски производи и лекови. Намалување има и кај производството на производи од гума и пластика, металите, металните производи (освен машини и опрема), електричната опрема, машините и апаратите, како и кај производството на моторни возила, приколки и полуприколки.

    Анализата по главни индустриски групи покажува дека производството во јануари годинава е намалено во повеќе категории во споредба со истиот период лани. Кај интермедијарните производи, без енергијата, е регистриран пад од 4,2 проценти, кај капиталните производи од 5,2 проценти, додека производството на трајни потрошни добра е намалено за 10,5 проценти. Уште поголемо намалување од 11,9 проценти е забележано кај нетрајните потрошни добра. Единствено секторот енергија бележи раст, и тоа од 2,5 проценти.

    Овие податоци укажуваат дека почетокот на 2026 година за индустрискиот сектор е обележан со опаѓање на производството во повеќе клучни гранки, при што енергетскиот сектор останува единствената област што бележи позитивно движење.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично