ПОВЕЌЕ

    ПАД ВО БРОЈКИ, РАСТ ВО ПРЕСТИЖ: Како Мерцедес ја преживеа 2025 година

    Време зa читање: 3 минути

    Минатата година беше една од оние што автомобилската индустрија ќе ја памети како предупредување дека дури и најсилните брендови не се имуни на глобалните потреси. За Mercedes-Benz, годината донесе јасна поделба меѓу падот на масовната продажба и растот на најексклузивните модели, слика што зборува многу за променетите навики на купувачите и состојбата на светските пазари.

    Германскиот производител во 2025 година продаде околу 1,8 милиони патнички автомобили, што претставува пад од 9% во однос на претходната година, значително подлабок од намалувањето забележано во 2024. Во апсолутни бројки, тоа значи над 180.000 продадени возила помалку. Причините се добро познати: забавувањето на премиум-пазарот во Кина, зголемената конкуренција од домашните кинески производители и нестабилноста предизвикана од американските царини, воведени од администрацијата на Доналд Трамп.

    Најслабата точка остана електричната офанзива. Продажбата на целосно електрични модели падна за 9%, на 168.800 возила, што е помалку од 10% од вкупната продажба. Спротивно на тоа, plug-in хибридните модели забележаа раст од 9%, благодарение на што вкупната продажба на електрифицирани возила остана речиси непроменета, на 368.600 единици. Сепак, тие учествуваат со само една петтина од глобалната продажба – далеку од целта од 50% што компанијата ја постави во 2020 година. Европа е светла исклучок, каде што електрифицираните модели достигнуваат околу 40% од продажбата.

    Додека основните и почетните сегменти бележеа двоцифрен пад, луксузот повторно се покажа како сигурно прибежиште. Продажбата во највисокиот сегмент се намали за 5%, но тоа е значително подобар резултат од падот во 2024 година. Клучната причина е рекордната побарувачка за Mercedes-AMG и легендарната G-класa. AMG оствари еден од најдобрите резултати во својата историја со 145.000 продадени возила, раст од 7%, додека G-класата порасна за импресивни 23%, на речиси 50.000 единици. Дури и електричната верзија на G-класата, иако послаба во САД, придонесе за успехот на другите пазари.

    И во врвот на понудата, Mercedes-Maybach го зацврсти својот статус. Глобално, секое трето продадено возило од S-класата е Maybach, а во Кина – дури секое второ. Компанијата очекува дополнителен импулс со фејслифтот на S-класата и GLS, најавен за почетокот на 2026 година.

    Регионалната слика е подеднакво контрастна. Европа се покажа најстабилна, со пад од само 1%, благодарение на Германија, каде што продажбата остана на исто ниво. Во Кина, пак, падот од 19% беше најболниот удар, додека во САД продажбата се намали за 12%, при што царините одиграа значајна улога. Во остатокот од светот, Мерцедес бележи раст од 17%, што покажува дека потенцијалот надвор од традиционалните пазари сè уште постои.

    И покрај тешката година и преполовениот профит во првите девет месеци, извршниот директор Ола Калениус останува оптимист. Компанијата влезе во, како што ја нарекува, најголемата програма за лансирање нови производи и технологии во својата историја. Новиот електричен CLA, кој веќе наиде на силен интерес, како и претстојните електрични GLC и C-класa, треба да бидат носечки столб на закрепнувањето во 2026 година.

    По 2025, пораката од Штутгарт е јасна: патот напред нема да биде лесен, но Мерцедес верува дека комбинацијата од силен луксузен идентитет и обновена електрична стратегија може повторно да го врати брендот во полна брзина.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично