
Овчка река ќе добије уредено корито и кеј на потегот од селото Марена до Кавадарци. Проектот изработен од тимот на Општина Кавадарци ќе се реализира со донација на Фондацијата „Илија Камчев“, во вредност од 300 илјади евра.
Проектот беше презентиран пред жителите на Марена, а во присуство на ќерката и синот на бизнисменот Камчев, чиешто потекло е од ова кавадаречко село:
„Уредувањето на речното корито со должина од илјада метри е еден од клучните проекти за село Марена. Речното корито ќе биде комплетно уредено со партер, со зелени површини, со минорно и мајорно корито, со осветлување, со детски реквизити и со катчиња за рекреација и за повозрасните и за помладите. Очекувам изградбата да биде брза. Со одлука на Советот името ќе биде посветено на Фондацијата и на Илија Камчев“, нагласи градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој посочи дека од тоа село излегле повеќе успешни бизнисмени.

Овој проект се договара две години, рече бизнисменто Орце Камчев:
„Како семејство, среќни сме што сме во можност да донираме за овој проект, уште повеќе што го поврзува родното село на мојот татко со Кавадарци. Мислам дека тоа ќе му беше огромна желба“.
Во името на Советот на Кавадарци, на Фондацијата се заблагодари претседателот Стојанчо Рамов, кој упати апел до „сите влијателни фамилии кои потекнуваат од Кавадарци“ да го следат примерот на семејството Камчеви.
Аналитика








