ПОВЕЌЕ

    ОТВОРЕНИ НОВИ МОЖНОСТИ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И СЛОВАЧКА: Енергетика, ИКТ и здравство во преден план

    Време зa читање: 2 минути

    Економската соработка меѓу Македонија и Словачка добива нов импулс. Во Скопје, на Бизнис форум што ги обедини институциите и деловната заедница од двете земји, беше испратена јасна порака дека партнерството не треба да остане само на декларативно ниво, туку да прерасне во конкретни проекти, инвестиции и зголемена трговска размена. Средбата беше заокружена со потпишување Меморандум за разбирање, документ што треба да отвори простор за подинамична и поорганизирана економска соработка.

    Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски истакна дека иако веќе постои соработка, особено во автомобилската индустрија и дел од хемиското производство, вистинскиот потенцијал допрва треба да се искористи. Според него, нови можности се отвораат во енергетиката, информатичко-комуникациските технологии и индустриите со висока додадена вредност. Притоа, акцентот не е ставен само на привлекување странски инвестиции, туку и на јакнење на извозните капацитети на домашните компании. Како пример го посочи македонското вино, кое државата активно го промовира на странските пазари.

    Муцунски нагласи дека посетата на словачката делегација е резултат на подолготрајни подготовки и координација, со цел да се овозможат директни контакти меѓу стопанствениците, компаниите и коморите од двете земји. Намерата е соработката да се гради врз конкретни деловни врски, а не само преку институционални канали.

    Од словачка страна, министерот за финансии Ладислав Каменицки порача дека токму претприемачите се носители на економскиот развој и иновациите. Според него, тие се мостот што ги поврзува државите и ги претвора политичките договори во реални економски резултати. Форумот го оцени како простор каде што се спојуваат идеи, искуства и нови технологии, но и како сигнал дека постои обострана волја за продлабочување на партнерството.

    Каменицки ги посочи ИКТ секторот, инфраструктурата, енергетиката, здравството, туризмот и земјоделството како области со најголем потенцијал за заеднички проекти. Словачка, како што рече, може да понуди знаење и искуство во примената на нови технологии, автоматизирани производствени процеси и системи што обезбедуваат повисока продуктивност и намалување на отпадот.

    Сензорските мониторинг системи, дигиталното управување со процесите и индустриската автоматизација се дел од експертизата што словачките компании можат да ја споделат со македонските партнери. Доколку овие потенцијали се искористат на вистински начин, форумот во Скопје може да се покаже како почетна точка на една поинтензивна и посуштинска економска соработка меѓу двете земји.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично