Поради утврдени потенцијали ризици од употребата на мускулниот дел од желудникот на живината по здравјето на луѓето (можна контаминација со патогени – бактерии и вируси, присуство на токсини и друго), а со цел обезбедување на висок степен на заштита на јавното здравје и интересите на потрошувачите, Агенцијата за храна и ветеринарство ( АХВ) донесе решение од 1 август годинава да се забрани увоз и употреба на пилешки желудник наменети за човечка исхрана, во производство на подготовки и производи од месо.
„Сите количини пилешки желудник кои се претходно увезени и складирани, операторите со храна треба да ги потрошат во рок од 60 дена од денот на отпочнување на примена на Решението“, се наведува во соопштението на АХВ.
Со цел превенирање на можна злоупотреба на веќе увезените количини, во наредните два месеца, инспекциските служби на Агенцијата ќе спроведуваат засилени контроли во малопродажните објекти каде се продава месо, подготовки и производи од месо како и во месарниците и месните индустрии, информираат од АХВ.
Одлуката за забрана за увоз на пилешки желудници АХВ ја донесе врз основа на резултатите на направената анализа на ризик од можни опасности по здравјето на граѓаните од консумација на овој тип внатрешни органи од живина и од резултатите од досега спроведените инспекциски контроли со кои е утврдена злоупотреба и измама на потрошувачите од страна на неколку месни индустрии. „Со контролите утврдена е употреба на овој вид внатрешен орган од живина во подготовки од месо, каде не смее да ги има согласно одредбите од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за барањата во однос на квалитетот на меленото месо, подготовки од месо и производи од месо (Сл.весник на РМ, бр. 42 од 21. 2. 2019 година)“, соопштуваат од АХВ.
Оттаму посочуваат дека со овој подзаконски акт забранета е употребата на некои внатрешни органи, вклучително и мускулен дел од желудник на живина во производство на мелено месо и подготовки од месо, како што се плескавиците и ќебапите, а кои исклучително може да се подготвуваат од месо од говеда, овци, кози и свињи и други додадени состојки, но не и од пилешки желудници и МОМ (месно обескостено месо).
„Употребата на мускулен дел од желудник на живина сега е дозволена исклучиво во производство на производи од месо (колбаси, сувомесни производи, конзерви и други производи), само во одобрен објект (месни индустрии) и само доколку наведените производи подлежат на соодветен термички топлотен третман“, истакнуваат од Агенцијата.
Забраната на домашната Агенција за храна и ветеринарство доаѓа само неколку дена откако беше објавена веста дека Бразил го ограничи својот извоз на месо од живина и јајца во 44 земји по откривањето на вирусната болест Њукасл на фарма во државата Рио Гранде до Сул, меѓу кои е и Северна Македонија.
Њукаслската болест, која според министерството ги погодува домашните и дивите птици, е откриена на живинарска фарма минатата среда во општината Анта Горда. Претходно во петокот, Бразил прогласи таканаречена „зоосанитарна вонредна состојба“ во државата Рио Гранде до Сул 90 дена по откривањето на патогениот вирус.
Последните потврдени случаи во Бразил беа во 2006 година, откриени кај „птици за егзистенција“ во државите Амазонас, Мато Гросо и Рио Гранде до Сул, рече Мапа.
Македонските власти се известени од Министерството за земјоделство и сточарство на Бразил за појавата на болеста њукасл на територијата на Бразил и веќе се преземаат мерки за ограничување на увозот на живина и производи од живина по потекло од оваа земја, претходно потврдија од Агенцијата за храна и ветеринарство за „Слободен печат“.
Областа Рио Гранде до Сул е трет најголем извозник на пилешко месо во Бразил, зад Парана и Санта Катарина. Во првите шест месеци од годинава државата извезла 354 илјади тони, при што биле остварени приходи од 630 милиони американски долари.
Бразил е најголемиот извозник на пилешко месо и преработки од месо и јајца во светот.