Читајте квалитетна содржина на порталот ПАРИ – таму каде што информацијата вреди
Кога ќе се споменат извршители, на граѓаните им се крева косата. Но, од друга страна, и на доверителите им се стемнува кога ќе ги погледнат списоците на ненаплатени побарувања. Тука се вмешуваат извршителите. Според Извештајот од Комората за извршители, како што веќе пишуваше Пари, тие минатата година успеале да наплатат 160,6 милиони евра од предметите што ги добиле во истата година.
Извршителите се умешни во наплатата на туѓите долгови и умешно градат стабилен и профитабилен бизнис. За да ги наплатат овие приходи, тие си имаат свои тарифи и тоа е нивен приход. Минатата година, како што покажуваат податоците од Бизнис Мрежа, извршителската фела остварила вкупен приход од 794.948.500 денари или речиси 13 милиони евра. Со тоа, за 15,15 насто бил надминат резултатот од претходната година, кога нивниот приход бил 11,2 милиони евра.
Во текот на 2024 година биле исплатени плати во бруто-износ од 2,2 милиони евра. Примањата биле зголемени, на што укажува годишната разлика од 21,33 насто. Или, сумата што преклани била одвоена по оваа основа била 1,8 милиони евра.
Ова се однесува на 93 извршители и 309 вработени во нивните канцеларии, колку што се наведени во годишниот извештај од Комората на извршителите.
Оваа анализа на Пари се базира на најдобрите извршители ‒ по приход и профит. Шестмина од нив се со адреса во Скопје, а по еден во Битола, Гостивар, Штип и Неготино. Интересно е да се наведе дека на ниво на целата бранша, десеттемина со најголем остварен промет и со заедничките 3,2 милиони евра, имаат удел од речиси една четвртина во вкупниот приход. Конкретно, износот е 24,79 отсто. Истите тие се и во ТОП 10 по добивки и направиле вкупна добивка пред оданочување од 1,2 милиони евра.
КОИ СЕ ШАМПИОНИТЕ ПО ДОБИВКИ?
Иако немал највисоки приходи, најголема добивка пред оданочување има извршителот Никола Богатинов. За една година спечалил бруто-добивка од 193.500 евра. Ако на тоа се додаде и добивката од 2023 година од 145.200 евра, овој извршител заработил речиси 340.000 евра за само две години. И по данокот, останува за стан, кола…
Анализата на Пари покажува дека од 10-те извршители со најголеми добивки, дури 8 се со годишна бруто-добивка од над 100.000 евра.
Извор: Бизнис Мрежа
Како што може да се види од табелата, редоследот на извршителите со најголем вкупен приход е поинаков од редоследот со најголеми добивки. Па, најмногу пари за извршување се наплатени од страна на Андреја Буневски и тој е шампион по приход меѓу извршителите. Потоа е Павел Поп-Иванов, па Катерина Кокина.
ЧЕТВОРИЦА ИЗВРШИТЕЛИ ИМААТ ПОЛОШИ РЕЗУЛТАТИ ОТКОЛКУ ВО 2023 ГОДИНА
Кај извршителката Весна Деловска од Скопје се забележува најголемиот минус на страната од приходите (‒ 17,28 насто) во однос на 2023 година, а најголемото надолно движење на добивката (‒ 35,11 насто) е евидентирано во Битола, кај Николина Иванова.
И со тој пад Деловска е на средината од топ 10 по висина на приходите. Се разботи за сума од 297 илјади евра. За една година добивката од одработеното е пониска за 14,93 отсто (63 илјади евра), доволно за деветтата позиција на другата листа – 10 најголеми профити.
Резултатите на Иванова, пак, се рангирани на четвртото (приход) и на петтото место (добивка). Намалената минатогодишна добивка (неоданочена) е над 130 илјади евра.
Во групата извршители со двоен минус (помал и приход и добивка во однос на 2023 година) е и Катерина Кокина, која важи за извршител кој постојано е во врвот според финансиските резултати. Меѓутоа, од првото место по приходи во 2023 година, лани се симнала на третото. Всушност, во споредба со колегите, намалувањето е од „само“ 5,81 отсто (од над 362 илјади на 341 илјада евра). Профитот опаднал за 21,24 отсто и во апсолутен износ е понизок за 41 илјада евра, со што Кокина и на оваа листа се спуштила за скалило подолу, од второто на третото место.
Со приходи пониски за 6,97 отсто (275,4 илјади евра), Благој Бањански од Неготино е последен во друштвото на најдобрите. А, по профитот (‒ 18,75 насто) е на седмото место.
Извор: Бизнис Мрежа
РАСТ НА ДОБИВКАТА И ЗА 281,58 НАСТО
Кога се анализираат промените на добивките во однос на претходната година, еден извршител особено се издвојува, а тоа е Благоја Каламатиев, чија добивка пред оданочување направила скок од високи речиси 282 насто. Но, тоа не му озбезбедило повисоко место во топ десетте, односно се наоѓа на крајот од листата. Растот, пак, на приходите не соодветствува со тој на добивката и изнесува 5,67 насто.
Со највисоките остварени приходи, од 470 илјади евра, се издвојува Андреја Буневски. Проследени се со раст од 38,82 насто, кој е во голем расчекор со процентуалното зголемување на добивката (+ 85,46 насто). Во тој сегмент скопскиот извршител го зазема осмото место.
Второпозициониран според прометот (353,8 илјади евра), а четврторангиран по добивка (136 илјади евра) е Павел Поп-Иванов. Неговата добивка е со скромен раст од 2,57 насто, но приливите пораснале за 43,73 насто.
Најголемиот процентуален раст на приходите – за 67,36 насто, го бележи Никола Богатинов. Воедно, тој ја остварил и најголемата добивка, од 193,5 илјади евра. Таа е 33,29 насто повисока од онаа во 2023 година.
Балансиран раст покажуваат бројките од работата на Александар Кузмановски од Гостивар. За една година приходот се зголемил за 30,59, а добивката за 42,65 насто. Со износот од 153,6 ијади евра е на второто место.
Покрај значителното зголемување на приходот (+ 67,32 насто), ланските деловни активности на штипската извршителка Емилија Павловска ѝ обезбедиле и солидна добивка од над 126 илјади евра.
Извор: Бизнис Мрежа
Во извршителските канцеларии лани пристигнале 167.112 барања за извршување. Податоците од Комората на извршителите велат дека најголемите износи се повлечени од фирмите должници, 84,33 милиони евра; од граѓаните се наплатени речиси 47 милиони евра; а од државата 31,5 милиони евра. Минатогодишната реализација е 44,15 насто.
Работа за извршители секогаш ќе има.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска