„Осигурување Македонија“ лани оствари добивка од 1,38 милиони евра.
Лани оваа компанија остварила вкупен приход од 13,45 милиони евра што е за 3,6 отсто послаб резултат од 2018 година. Но тоа не било проблем компанијата да ги зголеми нето приходите од заработена премија за 3,6 отсто во споредба со 2018 година до ниво од 9,9 милиони евра.
Нето износите на заработена премија од осигурување на имот изнесувале 3,9 милиони евра, од одговорност од употреба на моторни возила нето се инкасирани 2,4 милиони евра, од осигурување од незгоди 1,47 милиони евра и од осигурување моторни возила 1,13 милиони евра.
Вкупните расходи на друштвото лани изнесувале 11,88 милиони евра, а најголема групна ставка во расходната структура се трошоците за спроведување на осигурување и тие изнесувале 6,98 милиони евра.
Износот на бруто исплатени штети лани изнесува 4,6 милиони евра, а нето надоместоците за штети биле 3,24 милиони евра.
Најголемата штета што компанијата ја исплатила лани изнесувала 198.400 евра и е од областа на ризик од куса врска.
Компанијата има бруто технички резерви во износ од 11,07 милиони евра.
Според официјалните податоци „Осигурување Македонија“ во депозити чува 11,83 милиони евра и тоа е за 12 отсто помалку од парите што ги чувала во депозити на крајот на 2018 година. За сметка на тоа се удвоени вложувањата во државни хартии од вредност и на крај на 2019 година изнесуваат 5,46 милиони евра. Вредноста на вложувањата во акции и удели изнесува 1 милиони евра и во споредба со лани е зголемена за 27 отсто.
„Осигурување Македонија“ планира да подели и 714.000 евра дивиденда во бруто износ, објави компанијата предлог одлука која ќе се најде на дневен ред на претстојното акционерско собрание што ќе се одржи на 29 мај годинава.
Дивидендата по акција изнесува 1 евро во бруто износ и нејзината поделба е извесна со оглед на тоа дека австриската осигурителна компанија „Виена Иншуранс Груп“ е акционер што поседува 94,3 отсто од акциите со право на глас.
Предлогот предвидува повеќе од половината од добивката што друштвото ја оствари лани да се исплати како дивиденда, а од остатокот во резерви за сигурност ќе се префрлат 450.000 евра и 208.000 евра остануваат нераспределени средства.