Општина Карпош почна да ја расчистува огромната дива депонија што се наоѓа во непосредна близина на спортскиот центар Борис Трајковски и хотелот Александар Палас, на самиот кеј на реката Вардар, беше објавено на официјалната Фејсбук страница на општината. „Општинските служби задолжени за хигиената на јавниот простор во текот на вчерашниот ден започнаа со расчистување на мини депонијата која се наоѓа во близина на СЦ Борис Трајковски. Оваа мини депонија веќе некој период несовесно се полни со шут и друг отпад и имаше тенденција да прерасне во сериозен извор на загадување, па оттука општината интервенираше и спроведува акција за нејзино расчистување, како и поставување на заштитна рампа која би спречила повторно депонирање на отпад“, се вели во објавата од Општината.
Воедно, како што беше објавено, во иднина инспекторатот од Општина Карпош будно ќе следи и превенира случаи на несовесно фрлање на отпад и истите ќе ги казнува согласно своите надлежности и законски прописи на целата територија на Општина Карпош. Веќе неколку години во текот на зимата овој простор се трупа со ѓубре, а потоа на лето се пали и депонијата гори со денови.
Ексградоначалниците Петре Шилегов, Стефан Богоев, во текот на своите мандати организираа акција за чистење на депонијата, но само неколку месеци потоа оваа локација повторно почна да се затрупува со ѓубре. Изминативе години беше поставена врата и влезна рампа за да се затворат влезовите, но тие набрзо беа оштетувани од несовесни граѓани, а трупањето на ѓубрето, најчесто градежен, но и секаков друг вид на отпад, упорно продолжуваше.

Аналитика








