ПОВЕЌЕ

    Опоравувањето во еврозоната ќе биде тешко и бавно 

    Време зa читање: 2 минути

    Засилените мерки против ширењето на коронавирусот го запреа закрепнувањето во еврозоната. И покрај дарежната фискална и монетарна поддршка, економското закрепнување ќе продолжи да биде бавно и тешко, според новата анализа на глобалните економски изгледи на КПМГ.

    Бидејќи се повеќе и повеќе земјите ги заоструваат мерките поради зголемениот број случаи на инфекција, економијата на еврозоната ја заврши 2020 година со уште еден пад.

    Тековните мерки и ограничувања во првиот квартал од 2021 година може да значат понатамошен пад на производството, што ќе ја врати економијата во рецесија, иако многу поблага од онаа забележана на почетокот на пандемијата, во првата половина на 2020 година.

    КПМГ очекува дека каматните стапки на Европската централна банка (ЕЦБ) ќе останат непроменети во текот на следните две години, при што ЕЦБ ќе продолжи да ја поддржува економијата преку програмата за купување хартии од вредност.

    Пакетот помош, проценет на 750 милијарди евра, се очекува да поддржи посилни инвестиции во следните години.

    Изгледите за оваа година во голема мера зависат од брзината на вакцинирање, како и од појавата на нови варијанти на вирусот, што може да бара наметнување на подолга серија ограничувања.

    Покрај тоа, различните стапки на закрепнување се очекува да создадат поголем јаз во економиите на земјите од еврозоната.

    Според прогнозата на КПМГ, растот на БДП во еврозоната ќе изнесува 4,2 проценти оваа година, додека следната година се очекува нешто помал раст од 4,1 процент.

    Инфлацијата ќе изнесува 1,2 проценти оваа и следната година, а стапката на невработеност се очекува да биде 8,9 проценти оваа година, додека таа ќе биде 8,4 проценти во 2022 година, проценува КПМГ.

    Според анализата, Германија е една од економиите во еврозоната која најмалку ќе страда за време на пандемијата, бидејќи нејзиното индустриско производство се зголеми во втората половина на 2020 година, а извозот има корист од раното закрепнување во Кина.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично