Нов субјект на инвестицискиот пазар во државата. Опфолио Инвестиции е шестото друштво за управување со отворени и затворени инвестициски фондови. Со него ќе раководат Васко Богдановски како главен извршен директор и Огнен Тилиќ – извршен директор. Дозволата за работење е дадена од Комисијата за хартии од вредност, заедно со согласноста за Статутот на Друштвото.
„Комисијата за хартии од вредност издаде дозвола за работење на новото Друштво за управување со отворени и затворени инвестициски фондови Опфолио Инвестиции АД Скопје, кое согласно Законот за инвестициски фондови ќе основа и ќе управува со отворени инвестициски фондови, ќе води работи на управување со средства за сметка на индивидуален клиент – сопственик на портфолио и работи на инвестиционо советување на клиенти“, пишува во соопштението на КХВ.
Исто така, се наведува дека мнозински акционер е Опфолио АД Скопје, односно на Друштвото за информатичка технологија, инвестиции и советодавни услуги „му се дозволува да се стекне со квалификувано учество“, со акции со право на глас „чиј вкупен кумулативен износ надминува 50% од вкупно издадените акции со право на глас на друштвото“.
Според податоците на Linkedin, друштвото е основано годинава со почетен капитал од 250 илјади евра. Потенцијалните ивестиции се насочени кон софтверските компании.
М.А.