ПОВЕЌЕ

    ОПАСНИ КОНЦЕНТРАЦИИ НА ЗАБРАНЕТ ПЕСТИЦИД ВО ЗЕЛКА ОД МАКЕДОНИЈА, на хрватската граница зеленчукот запленет и уништен

    Време зa читање: 3 минути

    Во свеж зеленчук од Северна Македонија е откриена хемикалија штетна по здравјето на луѓето, јавија медиумите во Хрватска. Според Европскиот систем за безбедност на храната, во зелка од Северна Македонија биле откриени остатоци од пестицидот имидаклоприд.

    Пестицидот имидаклоприд е забранет во ЕУ, а во зеленчукот по потекло од нашата земја била најден во концентрација од 0,029 мг/кг супстанца, во примерок од зеленчукот кој бил наменет за хрватските продавници.

    Пратката минатата недела била откриена на хрватската граница, по што инспекторите веднаш наредиле да се уништи целата пратка свежа македонска зелка.

    Со одлука на Комисијата на ЕУ, употребата на имидаклоприд на сите култури што се одгледуваат на отворено е забранета. „Постојат сè поголеми докази дека употребата на имидаклоприд има катастрофално влијание врз биолошката разновидност, особено во реките и водните патишта, влијаејќи не само на раковите, мекотелите и инсектите, туку и на почвените организми, како и што доведува до намалување на популацијата на птиците“, се вели во образложението на одлуката на хрватскиот инспекторат.

    Кај луѓето, биоакумулацијата на неоникотиноидните метаболити може да се случи преку повеќекратна ингестија на контаминирана храна, бидејќи биоакумулацијата на имидаклоприд е забележана во студии на животни по изложување на ниски дози.

    Научните студии, базирани на тестови на животни, заклучија дека имидаклопридот делува како токсична материја врз репродуктивниот систем и како ендокрин дисруптор, што може негативно да влијае на срцето, бубрезите, тироидната жлезда и мозокот и може да предизвика невролошки симптоми, вклучително и респираторна инсуфициенција и смрт.

    „Токсичноста на имидаклопридот се зголемува со периодот на изложеност, како и со дозата, која е опишана како „временска кумулативна токсичност“, и тоа не треба да се разбере само од аспект на акутната смртност, туку треба да се земе предвид и хроничниот аспект“, се вели во одлуката на Комисијата на ЕУ.

    Ова не е првпат во зеленчукот кој Македонија го извезува за Хрватска да бидат регистрирани високи концентрации на отровни материи од забранети пестициди и други штетни хемикалии.

    За потсетување, само во мај минатата година, од хрватската граница била вратена пратка марула, преполна со друг вид на пестицид – хлорпирифос, при што, повторно целиот контигент со овој свеж зеленчук бил уништен по наредба на хрватскиот санитарен инспекторат.

    Како што пишува хрватски Вјесник, според бројот на пратки со контаминирано овошје и зеленчук наменети за хрватскиот пазар, Турција е во водство. Лани и годинава во 11 наврати се откриени штетни пестициди: три пати кај круши, двапати кај лимони и суви смокви и по еднаш кај мандарини, пиперки, домати и грејпфрут.

    Македонија, пишува Вјесник, го држи неславното второ место на таа листа со пет спорни пратки, „зачинети“ со отровни супстанци: три пати се работело за мешана салата и по еднаш свежи моркови и пиперки. Од забранетите пестициди, најчесто се споменува хлорпирифос.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично