Од денес па до крајот на месецов, за трговците кои набавуваат горива од Окта е обезбеден попуст од 2 денари по литар дизел и бензини. Со тоа, информираат од компанијата, на големопродажните и малопродажните партнери им се овозможува дополнителна флексибилност оваа поддршка да ја рефлектираат во цените што им ги нудат на своите потрошувачи.
Иницијативата доаѓа по успешниот прием на дополнителни количини на гориво преку продуктоводот ВАРДАКС, што го зајакнува капацитетот за снабдување на земјата. Врз основа на очекуваните количини што треба да се пласираат на домашниот пазар до крајот на март, од Окта проценуваат дека вкупниот придонес за поддршка на пазарот ќе изнесува околу 2 милиони евра.
Главниот извршен директор на Окта, Димитриос Пасхос, истакна дека компанијата презема конкретни чекори за стабилизација на пазарот во период на зголемени енергетски предизвици:
„Препознавајќи ги предизвиците во енергетскиот сектор што ги донесе актуелната состојба, Окта презема конкретни чекори за поддршка на пазарот и потрошувачите. Во овој контекст, зајакнувањето на снабдувањето преку продуктоводот ВАРДАКС игра значајна улога во обезбедувањето стабилност и континуитет во снабдувањето со горива низ целата земја“.
На заедничката прес-конференција, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оцени дека зајакнатото снабдување преку продуктоводот ВАРДАКС е значаен чекор за енергетската сигурност на земјата.
„Зајакнувањето на снабдувањето со горива преку продуктоводот ВАРДАКС претставува значаен чекор напред за енергетската безбедност на земјата и отпорноста на нашиот пазар на нафтени деривати. Во период кога меѓународните енергетски пазари остануваат непредвидливи, а цените се под влијание на глобалните случувања, обезбедувањето сигурно снабдување и стабилност за граѓаните и бизнисите претставува клучен приоритет на Владата. Зголемениот капацитет на продуктоводот придонесува за зајакнување на енергетската инфраструктура на земјата и ја зацврстува позицијата на Република Северна Македонија во рамки на регионалната енергетска мрежа“.
Таа додаде дека ваквите иницијативи се важни за стабилизирање на пазарот и намалување на притисокот врз граѓаните и компаниите.
Аналитика








