Зголемената продажба и зголемениот простор за извоз на горива делуваа врз добивката на „Окта“. Повисока е за 30 проценти – со ЕБИТДА е во износ од 241 милион денари или 3,9 милиони евра.
Во финансиските резултати на компанијата остварени во првата половина од годинава се наведува дека растот на добивката во споредба со истиот минатогодишен период се должи и на поголемите извозни маржи и на негативното влијание на вреднувањето на залихите, кое било поизразено во првата половина од 2023. „Бруто маржата во првата половина на 2024 година изнесуваше 443 милиони денари, што е пораст од 16% споредено со истиот период минатата година. Добивката пред оданочување изнесуваше 99 милиони денари“.
Обемот на продажба во второто тримесечје достигнал 303 илјади м³, што означува раст за четири проценти. Тука делотворо било дејството од проширувањето на извозниот пазар. Оттаму, продажбата нараснала за 17 насто. Во тие рамки приходите од продажбата во вториот квартал се во износ од 11.668 милиони денари (188,8 милиони евра) и зголемени се за 13 проценти во однос на истиот лански период, „поттикнати од продажните остварувања на извозниот пазар кои ги надминаа очекувањата“. Притоа, додаваат од „Окта“, прилагодената ЕБИТДА во вториот квартал достигнува 147 милиони денари (над 2,3 милиони евра), „со пад на годишно ниво предизвикан од повисоки оперативни расходи и пониска единечна маржа на домашниот пазар, поттикната од продажниот микс“.
И покрај геополитичките тензии, економската неизвесност и инфлаторните притисоци, кои и со послаб интензитет ги отежнуваат деловните активности, стабилноста на „Окта“ се согледува во задржувањето на позицијата лидер во снабдувањето со нафтени деривати. А пристапот кој подразбира внимателно следење на случувањата, обезбедување доследно и висококвалитетно снабдување со горива на локалниот и соседните пазари – бил поддршка на континуираниот раст и општествениот придонес на компанијата.
Првиот дел од 2024 е обележан и со инвестиција од 36 милиони денари или повеќе од 580 илјади евра. Парите се насочени во изградбата на фотоволтаична централа од 12 MW, која би требало да се стави во функција во втората половина од годинава. Ова вложување е „во чекор со стратешките приоритети на компанијата да ги унапреди своите инвестиции во почисти облици на енергија, да ги намали емисиите на јаглерод диоксид и да придонесе за одржливост на животната средина, притоа обезбедувајќи значителни економски придобивки“, порачуваат од „Окта“.
Исто така, „Окта“ го отвори првиот тренинг-центар за противпожарна заштита од нафтени деривати. Целта е да овозможи безбедна обука и да обезбеди вештини, знаење и ресурси на противпожарниот тим на компанијата за ефикасна борба против пожарите. Плановите, пак, предвидуваат проширување на капацитетот, што ќе значи поголем број обуки и за други видови пожари, по што центарот ќе се ставање на располагање државните институции и на други компании.
„Раководството на ОКТА и понатаму будно го следи опкружувањето исполнето со предизвици и преку проактивно планирање ја придвижува компанијата напред преку искористување на новите можности, со цел да ги подобри деловните остварувања и да ја зголеми оперативната ефикасност“, велат од компанијата.