Мерките од Влдата за ограничување на маржите и намалување на цените на прехранбените производи предизвикаа реакции и кај граѓаните, но и кај економските експерти. Дел од маркетите вчера не ја исполниле владината мерка и не обезбедиле пониски цени за граѓаните, не ги поставиле потребните ознаки „помалку трошоци, повеќе за тебе“, кои требаше да ги означат производите на кои владата наметна пониски маржи. Додека, пак, дел од скопските маркети, интензивно ги менуваа цените на рафтовите и ги поставаа ознаките за да не се најдат на удар на пазарната инспекција.
Многумина од граѓаните истакнуваат дека пред воведување на мерката, трговците дури и ги покачиле цените.
И експертската јавност, но и граѓаните се со поделени размислувања во однос на влијанието на мерката и дали и каков ефект ќе донесе, дали воопшто ќе ги намали цените на прехранбените производи.
ЈОВАНОВИЌ: ФОКУСОТ НА ВЛАДАТА ДА Е ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ
Професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во разговор со порталот „Пари“ истакна дека мерката нема да има ефект, нема да доведе до намалување на цените.
-Ова не е првпат да имаме ваква мерка. Во изминатите две години неколку пати се ограничуваа маржите, дури и на пониско ниво од овие 10%. Сите добро се сеќаваме дека тоа немаше никаков ефект, па навистина не гледам зошто сега би било поинаку – смета Јовановиќ.
Проблемот со ограничувањето на маржите, вели тој, е што тоа тешко се контролира. За да се види колкава е маржата на некој производ, треба да се видат набавните фактури и сите други трошоци, а тоа бара време.
-Освен тоа, фирмите можат да ги фризираат своите книги и релативно лесно да ги држат маржите под 10%, а сепак да ги зголемат цените. Мене само ме чуди како политичарите не го сфатија ова досега. Единствената мерка која спречува раст на цените е замрзнувањето, односно ограничувањето на цените. И тоа добро се виде изминатите две години, во оние два наврата кога се замрзнуваа цените. Замрзнувањето лесно се контролира, ако кажете лебот не смее да биде повеќе од 33 денари, инспекторот веднаш може да провери дали е тоа така, нема потреба да гледа фактури. Со тоа што замрзнувањето мора да се применува на подолг временски период, а не само на 2-3 месеци, зашто ако е само на кратко, фирмите потоа веднаш ги креваат цените – потенцира Јовановиќ.
Тој вели дека колку и да е поддржувач на контролирањето на цените, смета дека сега не е момент за тоа, споменувајќи дека тоа се променува во ситуација кога инфлацијата е висока и кога цените интензивно растат.
-Во моментов во Македонија инфлацијата е 2,2% и нема некои големи ценовни притисоци. Не е ова ситуацијата од пред година и пол, кога инфлацијата беше 15%. Затоа мислам дека владата сега не треба да се фокусира на цените, туку на платите и другите примања на луѓето. Во моментов, и во наредниот период, фокусот треба да биде на покачувањето на примањата на луѓето – на зголемувањето на минималната плата, на платите во јавниот сектор, на социјалната помош. Има една стара изрека – не се цените високи, примањата се ниски, и мислам дека тоа најдобро ја доловува моменталната ситуација – – објаснува Јовановиќ.
ДИМИТРОВ: АКО ИНСПЕКТОРАТОТ ВРШИ КОНТРОЛИ КАЈ ТРОВЦИТЕ, МЕРКАТА ЌЕ БИДЕ УСПЕШНА
Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци за порталот Пари истакна дека недостигот од конкуренција и недоволна понуда на пазарот доведува до зголемување на маржите и повисоки цени. Затоа и покрај заложбата за слободна конкуренција, во вакви услови Владата мора да пристапи кон мерки за да ги заштити граѓаните.
Тој додаде дека мерката за ограничување на бруто маржите на трговците на големо и трговците на мало од 10% ќе даде одредени резултати на намалување на цените и покрај фактот што некои од нив се покачија.
-Ако пазарниот инспекторат има капацитети да врши контроли кај сите трговци, мерката сигурно ќе биде успешна, затоа што, при контролата ќе се контролираат трошоците на набавката, трошоците на трговецот и ќе се контролира бруто профитната маржа. И сметам дека оваа мерка е секако подобра отколку замрзнување на цените кое можеше да доведе до недостаток на одредени производи. Треба да сфатиме дека поголемиот дел од храната е увезена и не можеме да влијаеме на цените на увезената храна, па затоа ограничувањето на маржата е подобро решение – потенцира Димитров.
Според него, Македонија има мала економија, со недоволна конкуренција на пазарот и ова овозможува во многу дејности да се појавуваат монополи или олигополи и затоа овој проблем ќе го имаме и понатаму.
-За намалување на цените единствен начин е стимулирање на домашното производство и зголемување на понудата. За жал, досегашните субвенции во земјоделието не ги дадоа посакуваните резултати. Нашите земјоделци се свртени кон производи кои не бараат работна рака и каде може да се примени земјоделска механизација. Така се доведовме до ситуација да увезуваме земјоделски производи за кои во минатото имавме вишок на производи и проблем со откупот – објаснува Димитров.
Ако и понатаму имаме пад на домашното производство, вели тој, тогаш не постои мерка која трајно ќе го реши проблемот. Владата може само да го намали данокот и увозните давачки и да направи некој ред во односите помеѓу производителите и трговците.
-Затоа мерката „ограничување на профитната маржа“ можеби ќе трае подолго. Владата исто така е свесна дека намалување на профитот на одредени производи може да доведе до недостаток на полиците, затоа ги задолжува трговците да продаваат најмалку 70% во однос на август од овие производи – укажува Димитров.
Катерина Михајлова
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.