ПОВЕЌЕ

    ОГНЕНАТА СТИХИЈА ГО ОПУСТОШИ СИМБОЛОТ НА ЗАГРЕБ: Сомнежи за причините на пожарот на облакодерот Вјесник

    Време зa читање: 6 минути

    Синоќа веднаш по 23 часот, избувнал пожар во зградата на загребскиот Вјесник. Пожарникарите се бореа со пожарот цела ноќ, а на лице место беше и загребскиот градоначалник Томислав Томашевиќ и одговорните од противпожарната бригада на градот.

    „Опасно беше што кога екипите почнаа да се качуваат за да го изгаснат пожарот на горните катови, тој почна да гори на долните катови, на петтиот, шестиот, дури и на приземјето, што покренува одредени сомнежи за причината за пожарот“, рече Синиша Јембрих, командиррот на загребските пожарникари.

    СОМНЕЖИ ЗА ПРИЧИНИТЕ ЗА ПОЖАРОТ ВО КУЛАТА НА ВЈЕСНИК

    Ситуацијата на местото на пожарот изгледаше многу подобро денес околу 6 часот наутро отколку што беше еден или два часа порано. Пожарот се смирил и немало големи отворени пламени, иако многу катови сè уште гореа. Градоначалникот, придружуван од командантот на загрепските пожарникари, накратко ги обиколи просториите на приземјето на облакодерот каде што беше безбедно и ни потврди дека штетата е огромна, можеби целосна.

    „Гори на различни катови, архивата и мебелот. Исто така е важно пожарникарите да не бидат во опасност за да се изгасне и одвнатре и однадвор“, рече градоначалникот, додавајќи дека причината за пожарот сè уште е непозната. „Постојат некои сомневања, но ќе се спроведе истрага на лице место“, рече Томашевиќ.

    „Видовме однадвор, а може да се види и одвнатре дека штетата е целосна. Мнозински сопственик е државата. Структурните инженери на крајот ќе видат дали структурата, која е направена од армиран бетон, треба да се сруши или ќе се изврши некаков вид реновирање, но се надевам дека оваа зграда, која ќе изгледа како потсмев, ќе биде реновирана што е можно поскоро или ќе се изгради нова“, рече градоначалникот.

    Јембрих, командантот на противпожарната служба во Загреб, потврди дека штетата е голема, бидејќи поголемиот дел од зградата е напуштен. Внатре имало неколку складишта полни со документи.

    „Како што рече градоначалникот, добивме само еден извештај некаде по 23 часот, што е интересно бидејќи нормално кога има голем пожар, секогаш има многу извештаи. Сега имаше само еден извештај за црн чад и пламен на врвот на облакодерот Вјесник. Три возила од најблиската станица во Савска беа испратени да интервенираат“, рече тој, додавајќи дека веднаш била побарана дополнителна помош по пристигнувањето.

    „Она што беше опасно беше што кога екипите почнаа да се искачуваат за да го изгаснат пожарот на горните катови, тој почна да гори на долните катови, на петтиот, шестиот, дури и на приземјето, што покренува одредени сомнежи за причината за пожарот, дека можеби станува збор за инсталации“, рече Јембрих.

    До 6 часот наутро, циркулираа 30 противпожарни возила, од кои некои беа логистички возила, и околу 80 пожарникари, професионални и волонтери.

    Градоначалникот Томашевиќ на новинарите им изјави дека не постои опасност зградата да се урне како последица од пожарот. „Најважно е сега да нема жртви и безбедноста на пожарникарите“, додаде градоначалникот.

    СЈАЈОТ И ЗАЛЕЗОТ НА СИМБОЛОТ НА ЗАГРЕБ

    Зградата на Вјесник во Загреб, некогашен симбол на хрватското новинарство и државното издаваштво, и денес ја привлекува вниманието со својот препознатлив модерен изглед и со историјата што ја носи. Нејзината изградба започнала во текот на шеесеттите години, а првите службеници влегле во високите катови во 1972 година. Проектот го водел архитектот Антун Улрих, еден од најзначајните претставници на хрватскиот модернизам. Небодерот, висок околу шеесет и седум метри, бил замислен како строго геометриска конструкција со правоаголен основ и фасада од рефлектирачко стакло во препознатливи портокалови и кафеави нијанси. Овој визуелен идентитет, тогаш напреден за регионот, ја поставил зградата како урбан маркер покрај сообраќајно прометната Савска цеста.

    Од самиот почеток, Вјесниковиот небодер бил дел од комплексот на државниот весник „Vjesnik“, кој во тоа време претставувал една од најмоќните издавачки куќи во поранешна Југославија. Внатрешноста била опремена со модерна технологија за своето време, меѓу која и пневматска пошта и современа телекомуникациска мрежа, што ѝ давало на редакцијата чувство на ефикасност и технолошка напредност. Дел од комплексот, меѓу кои и подрумските простории со печатарската опрема, го почувствувале и ударот на големата поплава што го зафати Загреб во 1964 година.

    Со распадот на државното издаваштво и со постепеното гаснење на печатените медиуми, објектот влегол во период на запоставување. Фасадата почнала да ги губи својот сјај и рефлексија, прозорските панели понекаде биле искршени, а целиот комплекс се соочил со опаѓање на одржувањето. Сепак, значењето на локацијата и квалитетот на конструкцијата ги задржале плановите за негова пренамена во јавниот дискурс.

    ДРЖАВАТА НЕМА ЈАСЕН ПЛАН ШТО ДА ПРАВИ СО НЕБОДЕРОТ

    Она што ја прави оваа зграда особено интересна за истражувачите е токму фактот што државата одамна е доминантен сопственик, а сепак процесите на одлука се движат бавно и соочени со меѓуресорски недоразбирања. Министерството за просторно уредување во последните неколку години официјално презеде 61 процент од комплексот, со објаснување дека Вјесниковиот небодер ќе стане нов административен центар. Но деталите за тоа како ќе изгледа реконструкцијата, кои делови од објектот ќе се адаптираат и каква ќе биде конечната функционална структура сè уште не се транспарентно презентирани.

    Постапките за јавни набавки, кои формално треба да ја започнат адаптацијата, отвораат дополнителни прашања. Дел од експертите предупредуваат дека реконструкцијата на објект од овој период на модернизмот бара многу прецизна архитектонска интервенција, а засега не е јасно дали државата има јасно дефинирана стратегија што ја уважува неговата заштитна вредност. Небодерот, практично единствен од овој тип во Загреб, е дел од архитектонското наследство на градот, но формално не ужива статус на заштита од државата како културрно наследство — што го прави уште поранлив на недоволно внимателни реконструкции.

    Од друга страна, секое одложување ја зголемува цената на интервенцијата. Деградираната фасада, застарените инсталации и неприлагодените работни простори веќе претставуваат финансиски товар, а со секоја измината година празните катови го губат и она малку што останало од поранешната функционалност. И додека државата купува нови сопственички удели и најавува долгорочни планови, зградата сè уште стои полупразна — како материјален доказ за институционалната инерција.

    Иако на хартија небодерот е повеќе од половина во рацете на хрватската држава, практично ниедна власт во изминатата деценија не успеа да постигне стабилен политички консензус за неговата иднина.

    Првата линија на спротивставување се развива меѓу државата и градот Загреб. Иако објектот се наоѓа на една од најатрактивните локации во градот, стратегиите на двете институции со години се разминуваат. Градот инсистира дека просторот треба да се вклопи во пошироката визија за редефинирање на Савска цеста и нејзиното претворање во функционален коридор за јавни услуги, култура и урбан развој. Државата, пак, инсистира на административна пренамена и сместување на бројни министерства и агенции, што според градските власти би создало нова концентрација на бирократски структури, без вистинска придобивка за граѓаните.

    (Фото: Matija Habljak/PIXSELL via Telegram.hr)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично