На денешната седница, Советот на Народната банка ја донесе Програмата за работа на Народната банка за 2021 година, во којашто се вградени програмски активности преку коишто се придонесува за остварување на стратегиските цели од Стратегискиот план за периодот 2020-2022 година.
Програмата за работа на Народната банка за 2021 година предвидува програмски активности коишто овозможуваат понатамошно унапредување на целокупната аналитичка инфраструктура на процесот на одлучување и за активен пристап за одговарање на предизвиците во домашната економија. Оттаму, предвидени се повеќе аналитички и истражувачки активности, коишто се значајна поддршка при носењето одлуки поврзани со монетарната политика, одржувањето на финансиската стабилност и супервизијата на банкарскиот систем.
Препознавајќи го значењето на финансиската едукација и финансиската инклузија за поголемо ползување на предностите финансиски услуги, но и за соодветно управување со ризиците, во Програмата на Народната банка и за 2021 година се предвидени повеќе проекти во оваа област. Во овој контекст, активно ќе се работи на изготвување Стратегија за примена на новите финансиски технологии, а ќе продолжат и активностите за заокружување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија и за почнување со нејзиното спроведување. Покрај редовните активности, Програмата за работа Народната банка предвидува позначајни проекти со коишто ќе се овозможи зголемување на финансиската едукација на населението заради подобро разбирање и користење на различните финансиски инструменти, подигнување на свесноста за финансиски систем.
Со донесувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, ќе започне и спроведувањето проекти за измени или донесување соодветна подзаконска регулатива во доменот на платежните услуги и платните системи. Се очекува дека со новата правна рамка во платежната сфера, којашто ќе биде во значителен обем усогласена со онаа на Европската Унија, ќе се засилат конкуренцијата и иновативноста преку отворање на пазарот за нови даватели на платежни услуги и оператори на платни системи, а особено за оние од финтек-секторот, понатаму ќе се зголеми транспарентноста во давањето платежни услуги и ќе се засили заштитата на потрошувачите.
Народната банка и во Програмата за 2021 година предвидува проектни активности во сегментот на унапредување на процесот на компилација и дисеминација на статистичките податоци. Веродостојните и квалитетните статистички податоци се клучни при носењето на економските одлуки, поради што се предвидуваат повеќе проекти со коишто се проширува портфолиото на расположливи статистички податоци. Воедно, ќе продолжат активностите за поедноставување на процесот на прибирање на статистичките податоци и формирање можности за градење податочен склад со што ќе се унапреди ефикасноста при нивното користење. Со предвидените проекти во областа на статистика се овозможува понатамошно приближување кон највисоките меѓународни статистички стандарди.
И за 2021 година, Народната банка предвидува организирање настани коишто ќе овозможат размена на искуства и дискусии на теми коишто го засегаат централнобанкарското работење. За таа цел, се предвидува да се продолжи со редовно организирање на годишната истражувачка конференција, како платформа каде што истражувачите од централните банки и академската заедница водат дискусија заснована врз истражувања и совети што се релевантни за централнобанкарското работење и за носителите на политиките во регионот. Исто така, се предвидува организирање и на 13-тата годишна конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, заради зајакнување на капацитетите на давателите на платежни услуги и операторите на платните системи преку информирање за новините во областа на платежните услуги на глобално и европско ниво.
Дел од активностите на Народната банка наредната година ќе се насочат и кон натамошно унапредување на транспарентноста, општествената одговорност и корпоративното управување.
Советот на Народната банка го разгледа и Извештајот за учеството, препораките и активностите на Народната банка во процесите на евроинтеграција во периодот септември 2019 – октомври 2020 година, како еден заокружен временски циклус во процесите на евроинтеграција. Извештајот дава осврт на вклученоста и придонесот на Народната банка во сите процеси и национални стратегиски документи за интеграција кон ЕУ, преку преземање активности во однос на усогласувањето на своето работење со европските стандарди, во рамките на подрачјата коишто ги покрива.