ПОВЕЌЕ

    ПЕТ ПРАШАЊА И ПЕТ ОДГОВОРИ ЗА НАЈГОЛЕМАТА ТРАНСАКЦИЈА НА ПЕНЗИСКИТЕ ФОНДОВИ на Сава пензиско друштво на Македонска берза

    Време зa читање: 6 минути

    Неодамна се случи најголемата трансакција со средства на пензиските фондови на Сава пензиско друштво на Македонска берза. Се работи за целосна продажба на акциите издадени од Гранит А.Д. Скопје од портфолијата на Сава пензски фонд и Сава пензија плус.

    Во продолжение се одговори на прашања поврзани со оваа трансакција во насока на целосна транспарентност кон членовите на пензиските фондови и инвеститорската јавност.

    1. Поради која причина Сава пензиско друштво а.д Скопје се одлучи да ги продаде акциите издадени од Гранит А.Д. Скопје во сопственост на пензиските фондови со кои управува?

    Сектор Инвестиции во рамките на Сава пензиско друштво а.д Скопје е задолжен за давање препораки и имплементација на инвестициски одлуки за купување и продавање на хартии од вредност, со цел остварување на принос на средствата на пензиските фондови.

    Во случајот со македонските акции, Секторот изработува фундаментални анализи на сите компании кои котираат на Македонска берза и кои ги задоволуваат законските критериуми да бидат дел од портфолијата на пензиските фондови.

    Во овие анализи се определува фундаментална вредност на акциите според предвидување на слободните парични текови во иднина и нивно дисконтирање со соодветен дисконтен фактор кој го рефлектира ризикот на инвестицијата, со цел да се дојде до сегашна вредност на истите. Така, одлука за купување се носи доколку цената на акциите на берза е пониска од утврдената фундаментална вредност.

    Во случај на продажба на акции, препорака за продажба може да дојде и доколку до Секторот е пристигната понуда за откуп на акциите во сопственост на фондовите по цена која е повисока од определената фундаментална вредност.

    Во случајот со акциите на Гранит А.Д. Скопје, до Секторот пристигна понуда која е повисока од фундаменталната вредност што резултираше со препорака за продажба на сите акции во сопственост на пензиските фондови.

    Важно е да се напомене дека во изминатиот период, според јавно достапните информации за компанијата, не увидовме зголемување на одреден специфичен ризик за оваа компанија надвор од ризиците со кои се соочува целото домашно стопанство.

    Менаџментот на компанијата за сега успешно се справува со предизвиците кои ги наметнува деловната клима во домашната економија како и порастот на цените на енергијата и суровините, што е исклучително тешка задача кога основната дејност на компанијата е работа на долгорочни инфраструктурни проекти.

    Оттука, одлуката за продажба не дојде како резултат на влошување на фундаментите на компанијата, туку како резултат на порастот на берзанската цена на акциите и укажаната можност истите да ги продадеме по цена која е повисока од утврдената фундаментална вредност.

    Следствено, не треба да ја исклучиме можноста пензиските фондови повторно да станат акционери во оваа домашна блу чип компанија доколку пазарната цена е пониска од утврдената фундаментална вредност.

    2. Зошто се одлучивте за организација на јавна берзанска аукција преку моделот „се’ или ништо“?

    Вкупната количина на акции во сопственост на пензиските фондови пред продажбата претставуваше повеќе од 8% од вкупно издадените акции на оваа компанија. Во изминатиот период до Друштвото од страна на пазарните посредници, односно брокери, пристигнаа повеќе понуди за откуп на целата количина на акции, што на стручните служби им укажа на покажан интерес од повеќе заинтересирани страни.

    Со цел да се постигне што повисока цена за акциите при продажбата и да се избегне ограничувањето од максимални 10% раст при класично тргување со акциите, се одлучивме акциите на фондовите да ги понудиме преку организирање на јавна берзанска аукција на голем пакет акции, можност која е уредена со Правилата за тргување на Македонска берза. Како почетна цена ја дефиниравме највисоката добиена понуда од пазарните посредници.

    Што се однесува до моделот „се или ништо“, со оглед на значајноста на уделот кој го поседуваа пензиските фондови, проценивме дека во најдобар интерес за членовите е да не пристапиме кон продажба на делумна количина на акциите и со тоа да ја намалиме преговарачката моќ за постигнување на подобра цена при продажба на целиот пакет акции.

    Сепак, на самата аукција организирана преку системот на Македонска берза се појави само еден од заинтересираните купувачи што резултираше со продажба на целиот пакет акции по почетната цена дефинирана за аукцијата.

    3. Каков е ефектот врз сметководствената единица, односно колкава заработка имаат членовите на пензиските фондови од инвестирањето во акциите на Гранит А.Д. Скопје?

    Инвестирањето во акции издадени од Гранит А.Д. Скопје за сметка на задолжителниот Сава пензиски фонд започна уште во 2008 година. Исто така, и доброволниот фонд Сава пензија плус првите инвестиции во овие акции ги реализира во 2009 година што е практично првата година кога овој фонд почнува да прима уплати од своите членови.

    Според нашите евиденции, просечна куповна цена за акциите издадени од Гранит А.Д. Скопје кај задолжителниот фонд е 575 денари, додека просечна куповна цена кај доброволниот фонд е 675 денари, што значи дека само врз основа на ценовни промени членовите на задолжителниот пензиски фонд од оваа инвестиција заработиле 152% од вложените средства, додека членовите на доброволниот пензиски фонд заработиле 115% од вложените средства.

    Дополнително, имајќи ги предвид приливите по основ на дивиденди, членовите на задолжителниот и доброволниот пензиски фонд управувани од Сава пензиско друштво а.д Скопје низ годините на своите сметки прокнижиле вкупен бруто износ од 306,22 мкд по акција за задолжителниот фонд, додека членовите на доброволниот пензиски фонд вкупен бруто износ од 283,22 мкд по акција.

    Мора да се има предвид дека овој принос е остварен за прилично долг временски период, што е во суштина и големата предност на пензиските фондови во однос на останатите инвеститори, односно пензиските фоднови имаат доволно време да држат акции во свите портфолија и одлуките ги носат единствено врз база на долгорочните перспективи на инструиментите во кои инвестираат.

    4. Во какви финансиски инструменти, акции или обврзници ќе ги реинвестирате средствата добиени од продажбата на акциите издадени од Гранит А.Д. Скопје.

    Средствата добиени од продажбата ќе се реинвестираат според утврдената стратешка и тактичка алокација на средствата на пензиските фондови, што значи дека истите ќе можат да се инвестираат во акции издадени од домашни и странски компании, како и во обврзници од домашни и странски издавачи, зависно од тоа што во моментот нуди релативно поатрактивна стапка на принос прилагоден за ризик на долг рок, имајќи ги предвид начелата за дивезификација, сигурност и квалитет на издавачите, како и ликвидноста на можните инвестиции котирани на финансиските пазари.

    5. Кои останати фактори влијаат на вашите одлуки за инвестирање во одредени акции на домашниот пазар на капитал?

    При носење на одлука за инвестирање во одредени акции, покрај фундаменталната вредност која ги рефлектира потенцијалниот раст, профитабилност, инвестициски активности, ликвидност и ризичност на самата компанија и акциите, Секторот Инвестиции прави оценка на квалитетот на корпоративното управување, како и квалитативна анализа на односот на компанијата кон животната средина и општеството во целина, популарно наречени ESG (Environmental and Social Governance) фактори.

    Па така, се анализираат и јаглеродниот отпечаток на компаниите ослободен при нивното производство на добра и услуги, нивниот начин на управување со отпад, односот кон вработените, родовиот баланс во управните структури на компанијата и слично.

    Овие активности се во согласност со визијата на Сава пензиско друштво а.д. Скопје да зазема активна улога во одржливоста на пензискиот систем, човечката околина и општеството во целина.

    Блог портал: НикогашСами

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично