ПОВЕЌЕ

    ОД ТРГОВИЈА СО ОТПАД ДО ПРОИЗВОДСТВО НА СЛАДОЛЕД: Во Шуто Оризари се прават милиони евра

    Време зa читање: 5 минути

    Шуто Оризари е општина во состав на Град Скопје и единствена ромска општина во светот во која Ромите имаат свој градоначалник и можат да ги остваруваат своите национални права. Општината ја задржува својата препознатлива културна и етничка посебност. Но покрај оваа непобитна општествена вредност, Шуто Оризари во последниве години гради и свој економски идентитет. Станува збор за мала, но стабилна општина во која има компании со различна дејност – од трговија и транспорт до отпад, сладолед и производство на леб. Токму овие дејности се движечката сила на локалната економија.

    Порталот Пари ги анализира податоците од БизнисМрежа, и во 2024 година вкупниот приход на топ 10-те компании регистрирани во Шуто Оризари достигнува 42,7 милиони евра, што е раст од 6,48 насто во однос на 2023 година. Но, уште повпечатлив е растот на добивките ‒ од 3 на 4,1 милион евра, што е зголемување од 36,67 насто. Иако бројот на вработени се движи во мали рамки, тој исто така бележи позитивен тренд – од 505 на 518 лица, односно раст од 2,57 насто.

    Кои компании носат милиони во Шуто Оризари?

    Првите шест компании во Шуто Оризари остваруваат приходи што се мерат во милиони евра, додека останатите четири сè уште работат со промет во рамки од неколку стотици илјади евра.

    На врвот од листата и годинава е Жито Лукс, компанија за производство на леб и печива, со приход од 20,5 милиони евра, што е раст од 3,78 насто во споредба со 2023 година. Како најголем производствен капацитет во општината, со над 330 вработени, таа останува најзначаен економски столб во Шуто Оризари.

    Зад неа е АСД Метал Груп, фирма што се занимава со трговија на големо со отпадоци и остатоци. Во 2024 година остварува 7,5 милиони евра промет, што е раст од 21,78 насто. Компанијата е еден од примерите за тоа како високофункционални системи со мала работна сила можат да генерираат значителен промет.

    Трета е Нехо Исни, позната по производство на сладолед и други производи од мраз. Компанијата бележи силен раст во приход ‒ 6,3 милиони евра во 2024 година, што е раст од 49,43 насто во однос на 2023 година.

    Слично позитивен тренд има и кај Џиди Комерц Меѓид, со 3,2 милиони евра и раст од 19,76 насто, како и кај Си Петрол, чиј промет достигнува 2,1 милион евра и раст од 7,42 насто.

    Од друга страна, неколку компании бележат пад, како што е случајот со Харбин Супер Маркет, кој во 2024 има пад од 20,5 насто, но и понатаму останува во топ 10 компании на листата со најголеми приходи.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Кој заработува најмногу – производители на сладолед, леб или трговија со отпад?

    Првите шест компании со седиште во Шуто Оризари прават промет што се брои во милиони евра, додека последните четири работат со промет од неколку стотици илјади евра ‒ но токму тука се кријат некои од најголемите изненадувања во категоријата на добивка.

    Најдобар профит во 2024 година остварува Нехо Исни, единствената компанија во општината со милионска добивка – 1,5 милиони евра, што е раст од 48,07 насто. Компанијата е производител на сладолед и производи од мраз, и веќе неколку години по ред покажува дека може да биде сериозен играч.

    Но најголемиот скок го бележи АСД Метал Груп, фирма што се занимава со отпад и рециклирање. Во 2023 година нејзината добивка изнесувала 279,5 илјади евра, а во 2024 година се искачува на 864,4 илјади евра – што претставува скок од 209,26 насто.

    Трета е Жито Лукс, која иако е убедлив лидер по приход и вработени, има добивка од 500,4 илјади евра, што е раст од 51,36 насто.

    Во групата на компании со намалена добивка се: Аземи Транспорт, со пад од 50,1 насто и Харбин Супер Маркет, со пад од 28,85 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Мала, но стабилна работна сила

    Бројот на вработени во топ 10-те компании во Шуто Оризари во 2024 година е 518 лица, што е раст од 2,57 насто во однос на 505-те вработени во 2023 година. Тоа е мал, но здрав пораст, особено ако се земе предвид дека најголем дел од фирмите се мали или средни претпријатија.

    Најголем работодавач е Жито Лукс со 331 вработен, што претставува зголемување од 3,12 насто.

    Нехо Исни вработува 85 лица, што е раст од 6,25 насто, што одговара на растот на производството.

    Повеќето други компании имаат од 6 до 31 вработени. Поликлиника од примарна здравствена заштита ИНТЕРГИН има 31 вработен. АСД Метал Груп има само 13 луѓе во својата компанија, а остварува милионски промет и добивка.

    Некои фирми бележат пад во бројот на вработени ‒ како Харбин Супер Маркет (од 12 на 7), и Фокус Принт (од 11 на 10 вработени).

    Извор: Бизнис Мрежа

    Заедно, овие компании докажуваат дека и во најмалите економски ќошиња на метрополата може да се најдат силни, добро организирани и профитабилни деловни субјекти. Шуто Оризари останува уникатна општина ‒ не само по културата, туку и по својот тивок, но одржлив економски отпечаток.

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично