ПОВЕЌЕ

    ОД ПАПИРУС ДО ДИГИТАЛЕН ЕКРАН: Патувањето на новогодишната честитка низ вековите

    Време зa читање: 4 минути

    Новогодишната честитка некогаш беше мал празничен ритуал. Картонска, внимателно избрана, често со зимска илустрација и рачно напишана порака, таа носеше дел од магијата на празниците. Денес, во време кога поштата најчесто носи сметки и реклами, честитките речиси целосно се преселија во дигиталниот свет. Брзи и бесплатни, електронските пораки ја презедоа улогата на хартиените честитки, но со тоа исчезна и можноста тие да се зачуваат, врамат или пронајдат по години како спомен од едно друго време. Но, иако формата се менувала, желбата да се посака Среќна Нова година е стара колку и самата цивилизација.

    Древните почетоци на празничната порака

    Уште во античките култури, новата година била доживувана како момент на пресврт и надеж. Во древен Египет, луѓето разменувале пишани пораки на папирус со желби за здравје и благосостојба, додека во Кина новогодишните честитки биле дел од ритуалите со кои се повикувала среќата и се бркала лошата енергија. Иако далеку од денешните честитки, овие пораки го носеле истиот симболизам – нов почеток и добри желби.

    Средниот век и раѓањето на честитката

    Во средновековна Европа, празничните пораки добиваат појасна форма. Се појавуваат гравури со библиски мотиви, мали уметнички дела што ги краселе домовите за Божиќ. Ги изработувале монаси и аџии, а поради високата цена биле наменети исклучиво за благородништвото. Со текот на времето, овие сликички почнале да се користат и како покани за празнични прослави, што постепено го менувало нивниот визуелен идентитет и намена.

    Во 14 и 15 век, особено во Германија, се појавуваат и првите печатени новогодишни честитки, направени со техника на дрворез – значаен чекор кон модерната честитка.

    Англија и почетокот на модерната традиција

    Вистинската пресвртница доаѓа од Англија. Крајот на 18 век се поврзува со првите илустрирани честитки со зимски сцени и семејни мотиви, а во 1843 година сер Хенри Кол го испраќа првиот комерцијален празничен поздрав. На честитката биле прикажани луѓе кои наздравуваат, со порака за среќна нова година и Божиќ.

    Набрзо започнува и масовното печатење. Иако испраќањето честитки во почетокот било скапо и често несигурно, развојот на железницата, транспортот и поштенските услуги ја направил оваа практика подостапна. До почетокот на 19 век, честитките веќе станале дел од секојдневието во Западна Европа и Америка, а биле воведени и стандардни формати и димензии.

    Во тоа време се формира и визуелниот јазик на честитките: снежни пејзажи, црковни ѕвона, елки, санки со ирваси, подароци, насмеани лица и неизбежниот Дедо Мраз. Честитката станува мал прозорец кон идеализирана празнична сцена – топла, тивка и полна со надеж.

    Руската честитка како уметничко дело

    Паралелно со Западот, Русија развива сопствена, исклучително богата традиција. Таму честитките често биле рачно изработувани, украсени со природни материјали, мониста и светки, а многу од нив биле потпишани од познати сликари. Се чувале со генерации и имале вредност на уметнички дела, со мотиви од христијанството, народните приказни и зимските пејзажи.

    Овој обичај бил одеднаш прекинат по Руската револуција, кога религиозните празници станале непосакувани, а со нив и честитките.

    По Втората светска војна, новогодишните честитки повторно се враќаат, овојпат како секуларен симбол на надеж и опстанок. Советските честитки добиваат нова симболика – Дедо Мраз, Црвениот плоштад, индустријата, војската и освојувањето на вселената. Празничната порака станува и носител на идеологија, но ја задржува својата основна улога да поврзува луѓе.

    Од хартија до дигитална порака

    Денес, честитката живее во нова форма. Таа пристигнува како порака на телефон, мејл или објава на социјалните мрежи. Иако ја изгуби физичката форма, не ја изгуби смислата. Сè уште е обид да се сподели внимание, да се направи кратка пауза и да се посака нешто добро на почетокот на новата година.

    Од папирус и дрворез, преку уметнички картонски ремек-дела, до дигитален екран новогодишната честитка ја менувала својата форма со векови, но пораката останала иста: новата година секогаш заслужува да започне со добра желба.

    К.М.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично