ПАРИ – извор на квалитетна и релевантна содржина.
Оставинска постaпка, изнајмување, физичка делба на имот, изјaва за основање трговско друштво… долг е списокот за кој ќе ви треба нотар. Според законската регулатива, со нотарската тарифа „се определува наградата за работата и надоместокот на трошоците во вршењето на службените дејства од делокругот на работата на нотарот“. Овие награди, како што покажува анализата на Пари во соработка со Бизнис Мрежа, лани им донелe на нотарските канцеларии добивка (нето-приход пред оданочување) од 7,6 милиони евра. Вкупниот приход, односно парите што фирмите и граѓаните им ги платиле за извршени разни услуги што на крај се сведуваат на нотарската заверка, изнесува 25,3 милиони евра.
Податоците покажуваат дека минатата година нотарите имале повеќе работа отколку во 2023 година. Добивката се зголемила за 900.000 евра на целиот сектор, а прометот за 3,5 милиони евра.
Вкупни податоци за нотарските канцеларии во Македонија
Извор: Бизнис мрежа
Според списокот на нотари, објавен од страна на Нотарската комора, во Македонија има 186 нотари со свои канцеларии. Во Скопје се една третина, односно 61 канцеларија. Кај нотарите низ Македонија, како што покажуваат податоците од Бизнис мрежа, лани имало 809 вработени и нивниот број е зголемен во однос на 2023 година за 65. Ланските бруто-плати на вработените биле 5,1 милиони евра, односно околу 20 насто од вкупните приходи. Во нотарскиот занает сѐ е сведено на интелектуална дејност, што значи нема одржување на машини, ни огромни трошоци за струја. Кајмакот оди кај оние со нотарски печат.
Анета Петровска Алексова од Скопје и со најголем приход и со најголема добивка
Да се направи добивка и од над 300.000 евра веќе не е вест. „Пари“ повеќе години објавува добивки пред оданочување на нотарите од стотици илјади евра. Низ годините има измени на актерите од првите позиции, а лани најголем профит направила нотарката Анета Петровска Алексова од Скопје. Минатата година нето-приходот пред оданочување ѝ бил 382.500 евра, а тоа се должи на фактот што кај неа било и најпрометно. Вкупниот реализиран приход бил 1 милион евра! И во 2023 година оваа нотарка беше со најголем приход (850.000 евра), но тогаш беше на втора позиција по добивка, по нотарката Анастасија Петреска.
Над 100.000 евра годишна заработка имат сите 10 најпрофитни нотари, покажува рангирањето што го направивме. Сите се од Скопје.
ТОП 10 нотари по добивка и реализираните вкупни приходи во 2024 година (во евра)
Извор: Бизнис мрежа
НЕ СЕ МЕЃУ НАЈПРОФИТАБИЛНИТЕ, НО СЕ МЕЃУ НАЈПРОМЕТНИТЕ
Заеднички именител меѓу ТОП 10 по приходи и ТОП 10 по добивка се шест нотари. На првите три места се истите по рангирање и на приходната и на профитната листа. Тие се скопските нотарки: Анета Петровска Алексова, Анастасија Петреска и Ана Дојчиновска. На истата листа, но со различно позиционирање се нотарите: Зафир Киро Хаџи-Зафиров, Дејан Павлоски, Агрон Арслани.
На листата ТОП 10 по приход има четворица нотари што оствариле големи промети, си го заслужиле рангирањето, но не влегле во ТОП 10 по добивка.
Сања Бозоска од Скопје е нотарка што по наплатениот приход е на петтото место. Направила промет од 460.500 евра.
Ана Брашнарска од Скопје е на седмото место по промет со реализирани 450.000 евра.
Фросина Клисароска Канчевска од Скопје направила приход од 292.500 евра, со што е деветта на листата ТОП 10 по приход.
Единствен нотар што не е од Скопје, а е на листата ТОП 10 по приход е Мартин Божиновски од Куманово. Неговиот приход е речиси 285.000 евра и го позиционира на десеттото место.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска