Последниот ден од декември 2026 година е новиот рок во кој „Синохидро“ би требало да ги заврши градежните работи на автопатот Кичево-Охрид. Пролонгирањето со нови 1.096 дена доаѓа како „подарок“ за десетгодишниот јубилеј од почекот на изградбата на 57-километарската делница што е во остав на Коридорот 8. Добра вест е дека новиот термин не повлекува дополнителни трошоци, односно останува на 598 милиони евра, износ до кој се дојде по неколкуте анекси за продолжување на роковите. Првобитната цена беше 374 милиони евра. Досега се искористени 421 милион евра.
Пратениците го прифатија владиниот предлог по скратена постапка да се донесат законските дополнувања. А, според информациите што ги презентираше министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, базнирани на стручни дописи и мислења, прогресот на работите е 83,84 проценти. На трасата објектите се реализирани со 88 проценти, тунелите со 93, а ископот на земјениот материјал со 83 проценти. Причина за продолжување на рокот се 13 нови свлечишта на самата траса, за што, посочи министерот, потребно е „дополнително проектирање, технички решенија со цел да се решат пропустите во техничката документација коишто се појавија при реализацијата на овој проект“.
Додека кај нас, поради најразлични причини, изградбата на патиштата се развлекува низ времето, во светот тоа оди многу побрзо. За потсетување, минатата година медиумите ја споделија информацијата за рекордното остварување во Индија, поточно во сојузната држава Утар Прадеш. Стотина километри нов автопат за сто часа. Изведбата е индиско-сингапурска, со примена на врвна технологија и со ангажман на 80 илјади работници и 200 машини за поставување и порамнување патишта.
По брзината на реализацијата, Индијците во 2022 година влегоа во Гинисовата книга на рекорди. Во рок од 105 часа и 33 минути поставиле бетонски пат во должина од 75 километри.
Има и автопатишта кои се градат со децении. Сепак, се работи за илјадници километри и совладување густи шуми, пустини, планини… Таков пример е Автопатот 1, кој се протега низ австралискиот континент, во должина од 14.500 километри и ги поврзува главните градови.