ПОВЕЌЕ

    Од канти за ѓубре до новогодишни декорации – Линк Медиа Плус со широк спектар тендерски услуги

    Време зa читање: 3 минути

    Линк Медиа Плус добила 15 од 32-та тендери за новогодишно украсување на единиците на локалната самоуправа. Вкупната вредност е 785,3 илјади евра, од кои 615 илјади евра чинат договорите направени со оваа фирма. Тоа се 78 отсто од вредноста на сите склучени и досега објавени договори, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, од каде што посочија дека информации треба да достават уште шест општини.

    Друштво за производство, трговија и услуги со десетмина вработени не им е непозната на општинските раководства, ниту на државните институции и компании. Услугите на Линк Медиа Плус не се сведуваат само на новогодишно декорирање. Досега има 220 склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од над 9,6 милиони евра, од кои 25 во текот на минатата година, покажуваат податоците што ги користи Пари од базата на Бизнис Мрежа. Реализирани се 69 договори, за кои сумата е над 4,5 милиони евра.

    Општините и претходно новогодишно се кителе преку оваа фирма, а што се однесува до последните договори, според висината на вредноста, редоследот е:

    Општина Штип – за новогодишно украсување 81,3 илјади евра;

    Град Скопје – изработка и реализација на проект за украсување и декорирање 69,4 илјади евра;

    Општина Охрид – изнајмување и монтжа на новогодишни украси и реквизити 66,7 илјади евра;

    Општина Центар – новогодишно украсување 64,8 илјади евра;

    Општина Чаир  – украсување и декорирање 57,5 илјади евра;

    ЈП Паркиралишта Струмица – новогодишно украсување 57,5 илјади евра;

    Општина Македонска Каменица – набавка на услуги за изнајмување на опрема за новогодишно украсување 34 илјади евра;

    Општина Прилеп – новогодишно украсување 31,9 илјади евра;

    Општина Радовиш – новогодишно украсување 31,9 илјади евра;

    Општина Бутел – новогодишно украсување 30,5 илјади евра;

    Општина Гази Баба – новогодишно украсување 29,1 илјада евра;

    Општина Кавадарци – украсување и уредување со изнајмување 22,6 илјади евра;

    Општина Ѓорче Петров – новогодишно украсување 17,2 илјади евра;

    Општина Карпош – новогодишно украсување 16,2 илјади евра;

    Општина Сопиште – услуги за новогодишно украсување 4 илјада евра.

    Соработката со Линк Медиа Плус е воспоставена и по други основи. Оваа фирма учествувала и добивала тендери за перење и хемиско чистење на возила, за миење улици и скверови, за набавка на корпи за отпадоци, за набавка на училишни ранци, за набавка на униформи за сите ученици од сите општински основни училишта во Центар и Аеродром, за хортикултурно уредување

    Соработува, односно има склучено договори со повеќе државни институции, меѓу кои се Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Управата за финансиска полиција, Агенцијата за супервизија на осигурување, Народнат банка, МЕПСО, Агенцијата за национална безбедност

    Сѐ уште е рано за податоците кои би ја дале сликата за минатогодишното работење на Линк Медиа Плус. Но, претходните покажуваат дека и покрај разновидните услуги и активности 2024 била помалку успешна од 2023 година. Приходите паднале за 57,25 отсто, а добивката за 67,79 отсто. Или, во апсолутни износи – приходот бил 757,2 илјади евра, а профитот 52,5 илјади евра.

    Последниве години најдобри резултати биле прикажани во 2023. Тогаш биле остварени приливи од 1,8 милиони евра и добивка од 163 илјади евра.

    Сопственикот и управител на Линк Медиа Плус во сопственост има уште две деловно активни фирми – Лутарико за изградба на станбени и нестанбени згради, како и Спироси – друштво за посредување, застапување и трговија.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично