ПОВЕЌЕ

    ОД ИНВЕСТИЦИЈА ДО СКАНДАЛ: Зошто зетот на Трамп се откажа од проектот во срцето на Белград

    Време зa читање: 3 минути

    По неколкунеделни протести, жестоки политички реакции и сериозни обвиненија за злоупотреба на службената должност, Џаред Кушнер, зетот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и менаџер на фирмата за приватен капитал „Афинити партнерс“, официјално се повлече од контроверзниот проект за реконструкција на еден од најчувствителните историски локалитети во Белград. Планот предвидуваше трансформација на поранешниот комплекс на Генералштабот, разрушен во НАТО-бомбардирањата во 1999 година, во луксузен хотелски и деловен комплекс вреден околу 500 милиони долари.

    „Бидејќи значајните проекти треба да обединуваат, а не да разделуваат, и од почит кон народот на Србија и градот Белград, ја повлекуваме нашата апликација и во овој момент се повлекуваме од проектот“, соопшти портпарол на „Афинити партнерс“. Одлуката дојде само неколку часа откако српското обвинителство поднесе обвиненија против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште тројца државни функционери, поврзани со процесот на одземање на статусот на културно наследство на локацијата.

    Во мај, „Афинити партнерс“ и српската влада потпишаа договор за 99-годишен закуп на земјиштето, ветувајќи „ревитализација“ на просторот преку изградба на висока хотелска зграда под брендот „Трамп“, луксузни станови, канцеларии и комерцијални објекти, додека меморијалот за жртвите од бомбардирањето требаше да биде преместен на друга локација. Кушнер тогаш изјави дека економскиот напредок на Србија е „импресивен“ и дека проектот ќе го позиционира Белград како водечка меѓународна дестинација.

    Но, одлуката предизвика силен јавен отпор. Илјадници граѓани излегоа на протести, а опозицијата ја обвини владата дека го заобиколува јавното мислење и законите за заштита на културното наследство за да му излезе во пресрет на Кушнер, во обид да ја подобри позицијата на Србија кај администрацијата на Трамп. „Вие го нарекувате инвестиција, ние го нарекуваме велепредавство“, порача пратеничката Мариника Тепиќ од говорницата во српското собрание.

    Контроверзиите дополнително се продлабочија минатиот месец, кога владејачкото мнозинство донесе посебен закон со кој на комплексот му беше одземен статусот на национално културно наследство, стекнат во 2006 година. Во процесот, според обвинителството, биле фалсификувани клучни документи, што резултираше со обвиненија против министерот Селаковиќ, неговата секретарка Славица Јелаца, како и против вршителите на должноста директори на републичкиот и белградскиот завод за заштита на спомениците на културата.

    Случајот доби и меѓународна димензија. Поранешниот командант на НАТО во Балканската војна, Весли Кларк, јавно го критикуваше проектот, а Европскиот парламент во свој извештај изрази „сериозна загриженост за зголеменото политичко мешање во заштитата на културното наследство во Србија“. Во меѓувреме, „Волстрит журнал“ оцени дека Белград се обидел да го искористи проектот како алатка за подобрување на односите со Вашингтон, во момент кога Србија бараше отстапки од САД, вклучително и укинување на санкциите за својата единствена нафтена рафинерија.

    Министерот Селаковиќ ги негира обвиненијата, изјавувајќи дека „чека судење“ и тврдејќи дека вистинската цел на процесот не е тој, туку претседателот Александар Вучиќ, со кого важи за близок соработник.

    Иако проектот во Србија е стопиран, бизнис-амбициите на семејството Трамп на Балканот не завршуваат тука. „Афинити партнерс“ најавува развој на напуштена воена локација на брегот на Албанија во луксузен туристички комплекс, додека во Романија веќе се реализира проект во Букурешт со користење на брендот „Трамп“.

    (Фото: Unsplash) 

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично