
Далеку од бриселските коридори, но во срцето на новата европска безбедносна равенка, Исланд повторно ја преиспитува својата иднина. Земјата со околу 400.000 жители сериозно размислува да одржи референдум за рестартирање на преговорите за членство во Европската Унија уште во август, значително порано од претходно најавениот рок до 2027 година.
Според информации објавени од „Политико“, повикувајќи се на двајца функционери запознаени со подготовките, исландскиот парламент се очекува во наредните недели да објави датум за гласањето. Доколку граѓаните дадат зелено светло, Исланд би можел да стане најбрзиот нов кандидат што ќе ѝ се приклучи на Унијата, дури и пред некои од актуелните земји-кандидати.
Забрзувањето на процесот доаѓа во време на засилени геополитички тензии. Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини за Исланд, како и неговите изјави за можноста САД да го анектираат Гренланд, предизвикаа вознемиреност во Рејкјавик. Дополнителна реакција предизвика и шегата на номинираниот американски амбасадор Били Лонг дека Исланд би можел да стане „52-та сојузна држава“ на САД.
„Не кријам дека би сакала да го видам овој процес забрзан“, изјави министерката за надворешни работи Торгердур Катрин Гунарсдотир во неодамнешно интервју, посочувајќи на „сосема поинаквата геополитичка средина“. Таа минатиот месец во Брисел се сретна со европската комесарка за проширување Марта Кос, која оцени дека разговорот за проширувањето на ЕУ денес сè повеќе се води низ призма на безбедноста и припадноста во свет на „конкурентни сфери на влијание“.
Исланд веќе има искуство со европската интеграција. По тешкиот удар од финансиската криза во 2008 година, земјата аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година, а формалните преговори започнаа во 2010 година. До 2013 година беа затворени 11 од вкупно 33 преговарачки поглавја. Но новоизбраната влада од десниот центар ги замрзна разговорите, а во 2015 година официјално побара Исланд повеќе да не се смета за земја-кандидат.
Во меѓувреме, економијата закрепна, а интересот за членство ослабна. Денес, Исланд има еден од највисоките БДП по глава на жител во светот, што ја намалува економската привлечност на Унијата. Сепак, глобалната безбедносна динамика драматично се промени. Руската инвазија на Украина, заострените односи меѓу САД и ЕУ и растечката стратешка важност на Арктикот повторно ја отворија дебатата.
Исланд е членка на НАТО, но нема сопствена армија и се потпира на одбранбениот договор со САД од 1951 година. Истовремено, земјата веќе е длабоко интегрирана во европските структури како дел од Европската економска зона и Шенген-зоната, што значи дека значителен дел од европското законодавство веќе е имплементиран.
Официјални претставници од Брисел оценуваат дека, доколку преговорите се обноват, процесот би можел да трае релативно кратко – дури и околу една година – поради високото ниво на усогласеност. Но политичките и чувствителните прашања остануваат. Риболовот, клучна индустрија за Исланд, и ловот на китови се меѓу најспорните точки. „На крајот, сè се сведува на рибата“, коментираше еден европски функционер.
Во претходниот циклус на преговори, односите со Велика Британија беа дополнително затегнати поради споровите околу квотите за скуша, таканаречената „војна на скуша“. Со оглед дека Лондон повеќе не е членка на ЕУ, некои проценуваат дека овој аспект би можел да биде помалку проблематичен.
Владејачката Социјалдемократска алијанса, која победи на изборите во 2024 година, вети референдум до 2027 година, иако нејзината коалиција вклучува партнер што се противи на членството. Анкетите покажуваат дека мнозинството граѓани поддржуваат одржување референдум, но се поделени околу самото членство.
Доколку граѓаните гласаат за продолжување на преговорите, ќе следува уште еден референдум по нивното завршување. Во таа фаза, одлуката ќе зависи не само од економските пресметки, туку и од тоа како Исланѓаните ја перцепираат сопствената безбедност во свет што станува сè понепредвидлив.
По една деценија пауза, европската перспектива повторно е на маса во Рејкјавик. Овојпат, не како одговор на финансиски колапс, туку како стратегиски избор во време на глобални превирања.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








