Сите онлајн плаќања од денес ќе се реализираат со задолжителна дополнителна проверка на идентитетот на корисникот. Со внесување ПИН, со отпечаток од прст или со препознавање на лице, граѓаните ќе треба да ја потврдат секоја интернет-трансакција. Без оваа верификација, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако се точно внесени податоците од платежната картичка.
Од денес е во сила законската обврска банките да применуваат засилена автентикација на клиентите при извршување трансакции преку интернет. Целта е да се обезбеди повисок степен на заштита и да се спречат евентуални злоупотреби на картичките.
Засилената автентикација значи дека клиентот, покрај внесувањето на бројот на картичката, датумот на важност и безбедносниот код, ќе треба да ја одобри трансакцијата преку официјалната мобилна апликација на својата банка. Преку апликацијата корисникот добива известување за плаќањето и треба активно да го потврди.
Обврската за засилена автентикација произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи и претставува дел од пошироките мерки за унапредување на сигурноста во платниот систем.
Мерката веќе се применуваше постепено – при онлајн увид во платежните сметки, при плаќања со картички на физички продажни места и при извршување платни налози преку електронско и мобилно банкарство.
Со нејзината целосна примена и при интернет-плаќањата, од денес се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што важат во Европската унија за безбедно извршување онлајн трансакции. Од Народната банка оценуваат дека со оваа промена дополнително ќе се зајакне довербата во дигиталните плаќања и ќе се унапреди заштитата на корисниците.
(Фото: Freepik)
Аналитика








