
Лизгањето на мраз на отворено е повеќе од зимска забава, тоа е ритуал што секоја година, во декември, ги собира луѓето на плоштадите, во парковите, таму каде што градовите го покажуваат своето инспиративно „лице“. Мирисот на греано вино, звукот на лизгалки што го сечат мразот и светлината од празничните украси создаваат сцена во која спортот, архитектурата и сезонската магија дишат во ист ритам.
Во Европа, едно од најимпресивните вакви места е лизгалиштето во Градскиот парк во Будимпешта, познато како Városligeti Műjégpálya. Сместено помеѓу Плоштадот на хероите и романтичниот замок Вајдахуњад, ова отворено лизгалиште зафаќа површина од околу 12.000 квадратни метри и секоја зима се претвора во огромна сцена од мраз. Лизгањето тука има традиција што датира од 1870 година, што го прави едно од најстарите лизгалишта на отворено во Европа. Лете ова место е мирно езерце, а со првите сериозни студови станува центар на празничниот живот во унгарската престолнина.
Сепак, иако е едно од најголемите и најпознатите, лизгалиштето во Будимпешта не ја носи титулата најголемо отворено лизгалиште во Европа. Таа чест ѝ припаѓа на Москва, поточно на огромното лизгалиште пред комплексот VDNKh, кое се простира на неверојатни 20.000 квадратни метри, површина еквивалентна на 16 поврзани олимписки базени. Ова лизгалиште може да прими околу 5.000 лизгачи истовремено. Во зима, овој дел од руската престолнина станува вистински град од мраз и светлина.
Надвор од Европа, се случува вистинска магија. Лизгалиштето во Rockefeller Center Ice Rink не е само едно од најпознатите лизгалишта во светот, тоа е икона на празничниот Њујорк и симбол на урбаната зима. Сместено во срцето на Мидтаун Менхетен, на пониско ниво меѓу импозантните згради на комплексот, лизгалиштето делува како тајна сцена од мраз, скриена меѓу облакодери, но истовремено отворена кон целиот свет.
Неговата приказна започнува во 1936 година, кога првично било замислено како едноставна зимска атракција за граѓаните. Никој тогаш не претпоставувал дека ова скромно лизгалиште ќе прерасне во најпрепознатливата празнична сцена на планетата. Денес, секоја зима, над него се издигнува легендарната божиќна елка на Рокфелер, украсена со десетици илјади светилки, додека под неа лизгачите кружат во сенката на златната статуа на Прометеј.
Лизгалиштето е релативно мало во споредба со европските гиганти, но токму тоа му дава интимност и ексклузивност. Лизгањето тука не е за акробации и брзина, туку за доживување,
Најголемото лизгалиште на отворено во светот е целосно природно и се наоѓа во Канада, тоа е Rideau Canal Skateway. Каналот во Отава секој јануари замрзнува и останува отворен за лизгање до март, со должина од 7,8 километри и површина од 165.621 квадратни метри. Тука лизгањето не е само рекреација, туку дел од секојдневието и локалниот идентитет.
Местата што се вбројуваат меѓу најубавите лизгалишта во светот имаат заедничка особина, тие истовремено блескаат сами по себе и го одразуваат карактерот на околината. Лизгањето овозможува спортот и просторот да се доживеат во ист здив: градски силуети, архитектура и природни пејзажи се движат заедно со секој круг. Кога на тоа ќе се додадат празничната енергија, свежиот зимски воздух и сезонската промена на расположението, лизгалиштата стануваат централна точка на зимските патувања.
Така, искуствата варираат од вртење под стаклениот свод на Grand Palais во Париз, каде сезонското лизгалиште од 2.700 квадратни метри ја спојува монументалната архитектура со празничната магија, до кружење во неокласичниот двор на Somerset House во Лондон, каде светилките и музиката создаваат интимна празнична атмосфера. Во Шведска, лизгањето на замрзнатото Lake Vänern нуди чувство на простор и слобода, додека во Амстердам, лизгалиштето на Музејскиот плоштад, со традиција од 1864 година, го оживува просторот пред Рајксмузејот и Музејот Ван Гог.
Зад сета оваа магија стои и богата историја на лизгалиштата. Првите вештачки лизгалишта се појавиле помеѓу 1841 и 1844 година, кога сè уште не постоела технологија за ладење и се користела мешавина од сол и свинска маст. Овој метод брзо исчезнал, а за помалку од 30 години технолошкиот напредок овозможил одржување на вистински мраз. Првото лизгалиште направено од вистински мраз, Glaciarium, било отворено во Челзи, Лондон, од страна на Џон Гамџи. Со димензии од 12 × 12 метри, „Глацијариум“ брзо станал популарен и бил преместен во постојана зграда. Германија го отворила своето прво лизгалиште во Франкфурт во 1882 година, со површина од 520 квадратни метри, а ваквите објекти брзо станале места и за рекреација и за спортови како хокеј и карлинг.
Од тие скромни почетоци до денешните ледени плоштади што примаат илјадници луѓе одеднаш, лизгалиштата станаа симбол на зимата и празниците, места каде што градовите ја раскажуваат својата приказна за традицијата, заедништвото и радоста што секоја година повторно нè враќа на мразот.
Катерина Михајлова
Аналитика








