ПОВЕЌЕ

    Од антички бањи со лековити води до модерни спа центри: Туркије како атрактивна велнес дестинација

    Време зa читање: 3 минути

    Со традиција на лекување што датира од антиката, Туркије е една од најстарите дестинации за велнес во светот. Античките центри со лековити термални води и денес се дел од турската понуда на велнес искуства, која е збогатена со модерни спа центри што нудат третмани по мерка на посетителите, кои сѐ повеќе се заинтересирани за патувања што инспирираат лична трансформација и обнова на организмот. Изобилството на локации и ритуали за нега на телото и умот придонесе Туркије да биде признаена за најдобра дестинација за велнес за 2025 година во рамки на мрежата на награди за патувања „Матадор“.

    Денес, Туркије е седма во светот и прва во Европа во однос на термалните ресурси, со повеќе од 1.500 термални извори низ целата земја. Водечките дестинации како што се Афјонкарахисар, Бурса и Памуккале во Денизли се дел од Европската рута на историски термални градови, истакнувајќи го трајното термално наследство на Туркије.

    Афјонкарахисар е познат по водите богати со минерали и терапевтските бањи, кои се ценети поради нивните ефекти против стареење и здравствените придобивки, додека во Бурса, топлите термални извори се користат и за лекување со физиотерапија. Особено позната велнес дестинација е Памуккале, која заедно со античкиот град Хиераполис со векови привлекува посетители со травертините богати со минерали, како и терапевтските базени, вклучувајќи го и легендарниот антички базен каде што се вели дека се капела Клеопатра. Покрај нив, Туркије нуди голем број термални градови, од Баликесир до Јалова и од Ајдин до Болу, во кои посетителите може да уживаат во природно високите температури на водата преку целата година.

    Но, ниедно велнес патување во Туркије не би било комплетно без посета на традиционална турска бања. Во историските амами што се наоѓаат низ целата земја, посетителите можат да се подмладат преку парни бањи, ритуали за чистење и смирувачки масажи. Благодарение на неговата импресивна атмосфера и традиционални ритуали за капење, истанбулскиот Зејрек Чинили амам се најде на листата на „Најдобри места во светот за 2024 година“ на „Time“, а подоцна и на листата „Најдобри велнес искуства во светот за 2026 година“ на „National Geographic“.

    За посовремено искуство, посетителите можат да ги изберат спа и велнес центрите на Туркије во крајбрежните одморалишта, како што се Бодрум, Фетје и Анталија. Овие објекти комбинираат модерни амами со сауни и џакузи, нудејќи широк спектар на третмани, од масажа и терапии со морска вода до лични тренинзи, но и третмани за лице, персонализирани програми за нега на кожата, како и програми фокусирани на јога, пилатес, вежби за дишење и исхрана дизјанирана да ги обнови телото и умот.

    За оние што се заинтересирани за потивки велнес алтернативи, се препорачува да ги изберат градовите и селата што се дел од мрежата „Cittaslow“ во Туркије, сместени во предели со недопрена природа, каков што е регионот на Црното Море, признаен од „National Geographic“ како едно од „најдобрите места во светот за патување во 2026 година“, каде пешачењето и возењето велосипед ги надополнуваат велнес искуствата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично