Просечна недела според активностите, кои се одвивале во три работни денови, но повторно натпросечна по бројот на акции минати низ нетрговските трансфери. Статистиката забележала 80.920 акции, издадени од шест компании. Просекот, и неделен и дневен, го креваат хартиите од вредност на РЖ Интер-Трансшпед АД Скопје.
Пренос на сопственоста во вид на подарок, наследство… е направен кај 78.998 обични акции на друштвото кое обезбедува разни видови транспортни услуги во копнениот и железничкиот сообраќај. Тоа се случило во вторникот, кога биле трансферирани вкупно 79.967 акции. Инаку, акциите на РЖ Интер-Трансшпед, една од фирмите произлезени од некогашната скопска Железара, често се застапени во нетрговските трансфери.
Во податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност, кои се објавуваат на Македонска берза, се влезени уште 1.922 акции од другите пет компании. Меѓу нив се 900 обични акции на РЖ Услуги АД Скопје и 656 на Македонски телеком АД Скопје. Над сто се и акциите на Мермерен комбинат АД Прилеп – 256.
Со акциите на Окта се направени два пренооса, прво 69, па потоа уште седум. А, забележани се и 34 обични акции на БИМ АД Свети Николе.