ПОВЕЌЕ

    ОД 3,9 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО ОСТАНАТИТЕ ФИНАНСИСКИ ИНСТИТУЦИИ, 2,6 милијарди се кај пензиските фондови

    Време зa читање: 4 минути

    Вкупните средства на пензиските фондови, на осигурителните друштва, инвестициските фондови, на финансиските, на лизинг и на друштвата за управување со пензиски и инвестициски фондови, кои се класифицирани како останати финансиски институции, изнесуваат 242.690 милиони денари, односно 3,9 милијарди евра. Бележат квартален раст од 7.492 милиона денари или 121,8 милиони евра. И, со 21,5 проценти учествуваат во средствата на финансиските институции.

    Ова е состојбата од третиот годинешен квартал. Податоците на Народната банка покажуваат дека во вкупните средства на ОФИ најголем е уделот на пензиските фондови со 65,6 отсто. Второпозицонирани се осигурителните друштва со 15,6 проценти.

    Вкупните средства на ОФИ во текот на овој период оствариле и квартално и годишно зголемување од 3,2 и од 20,4 насто. Тоа произлегува од повисоките суми евидентирани кај пензиските фондови, но исто така позитивни се движењата и во другите потсектори.

    Најголемиот дел од средствата со кои располагаат ОФИ се вложени во должнички хартии од вредност, чие учество е 52,1 отсто. Со удел од 26,1 процент следуваат вложувањата во сопственички хартии од вредност.

    Кај обврските, пак, најголемиот дел им припаѓа на техничките резерви на осигурувањето со 54,4% и на капиталните сметки со 36,1%.

    Вкупните средства на пензиските фондови – задолжителни и доброволни, во третото тримесечје имаат раст од 3,7%, а на годишно ниво за 20,9%. Станува збор за износ од 159.240 милиони денари (2,6 милијарди евра). Позитивните промени, според Народната банка, се засновани на „повисоките должнички и сопственички хартии од вредност, при мал раст и на останатите побарувања, а во услови на забележан пад на валутите и депозитите“. На страната на обврските, кварталниот и годишниот раст главно произлегуваат од зголемените технички резерви и капиталните сметки.

    Кај осигурителните друштва кварталното зголемување на средствата е за 1,7% и достигнуваат износ од 37.746 милиони денари (613,7 милиони евра. На годишна основа се повисоки за 9,8%, а тука поголем придонес има растот на должничките и сопственичките хартии од вредност, валутите и депозитите и останатите побарувања. Кај обврските, кварталниот и годишниот раст се резултат на повисоките технички резерви на осигурувањето и капиталните сметки.

    Минимално е кварталното придвижување од 0,1% кај вкупните средства на инвестициските фондови. Годишниот раст е 46,2% и е резултат на „зголемувањето на вложувањата во сопственички хартии од вредност, повисоките валути и депозити и должнички хартии од вредност“. Станува збор за сума од 17.967 милиони денари (292,1 милион евра). Обврските, пак, се зголемиле квартално поради растот на капиталните сметки, а годишно – од растот на капиталните сметки.

    Нивото на средствата кај финансиските друштва достигнува 12.291 милион денари (199,8 милиони евра). Бележат и месечно и годишно зголемување од 3,8% и 15,5%. Најголемиот дел се побарувања по кредити во износ од 10.538 милиони денари (171,3 милиони евра). Кварталниот раст е за 4,1%, а годишниот 13,3%. Што се однесува до обврските, „растот на квартално ниво е резултат на зголемените капитални сметки и обврските врз основа на кредити“, а на годишно – „главно произлегува од зголемените обврски врз основа на кредитите и капиталните сметки“.

    Квартални 4,6% и годишни 25,8% се регистрирните зголемувања кај вкупните средства со кои располагаат друштвата даватели на финансиски лизинг. Износот е 12.838 милиони денари (208,7 милиони евра). Кредитите, кои се главен инструмент на страната на средствата, во третото тримесечје изнесуваат 9.769 милиони денари (158,8 милиони евра) и зголемени се за 5,2%, а на годишно ниво за 22,7%.

    На друштвата за управување со пензиските и инвестициските фондови им се доверени 2.607 милиони денари (42,4 милиони евра). Нивниот квартален раст е 3,8%, што во најголем дел произлегува од зголемувањето на валутите и депозитите, на должничките хартии од вредност и останатите побарувања. На годишна основа се повисоки за 11,0%.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично