
Пазарот на недвижности во втората половина од 2025 година испраќа јасна порака: становите поскапуваат, а интересот не стивнува. Според најновиот Извештај од Регистарот на цени и закупнини што го објави Агенцијата за катастар на недвижности, цените во повеќе градови бележат двоцифрен раст, додека бројот на трансакции продолжува да се зголемува.
Најголем скок на цените на продадените станови, споредено со истиот период од 2024 година, е регистриран во Куманово дури 24 проценти. Веднаш зад него е Тетово со раст од 22 проценти. Во скопските општини Карпош, Кисела Вода и Гази Баба цените се повисоки за по 16 проценти, додека во Центар растот изнесува 14 проценти. Единствено Гостивар се издвојува со пад од околу два процента.
Податоците покажуваат и значителни разлики во постигнатите продажни цени по метар квадратен. Најнискиот регистриран минимум во второто шестмесечје е во Чаир – 19.543 денари за метар квадратен. Наспроти тоа, највисокиот максимум е постигнат во Центар и достигнува 232.722 денари за метар квадратен, што ја потврдува позицијата на оваа општина како најскапа локација во државата.
Кога станува збор за бројот на продажби на станови, најактивна била општина Аеродром со 240 трансакции, по што следуваат Чаир со 188, Центар со 186 и Карпош со 171 продажба. Воедно, највисока вкупна вредност од продажба на станови е остварена токму во Центар – 1.379.518 илјади денари, веднаш зад него е Аеродром со 1.347.308 илјади денари, а Карпош со 1.088.279 илјади денари.
Највисока просечна цена по метар квадратен повторно има Центар – 104,3 илјади денари. Следуваат Карпош со 99,6 илјади денари, Аеродром со 88,9 илјади денари, Кисела Вода со 83,2 илјади денари и Охрид со 78,1 илјада денари по квадрат.
Ако се гледа вкупната вредност на сите купопродажби, во второто полугодие од 2025 година најмногу средства се слеале во Центар – 82,8 милиони евра. Во Аеродром се реализирани 59,1 милиони евра, во Карпош 57 милиони евра, додека најниска вредност е забележана во Велес – 5,6 милиони евра.
Интензитетот на тргување, пак, варира од град до град. Највисок раст на обемот на купопродажби, споредено со истиот период од претходната година, има во Штип – 46 проценти, како и во Гостивар – 43 проценти. На спротивната страна е Велес со пад од 30 проценти.
Во однос на вкупниот број купопродажби, најмногу трансакции во второто шестмесечје од 2025 година се направени во Аеродром – 757, потоа во Центар – 636 и во Гази Баба – 586, додека најмалку во Бутел – 203.
Движењата кај бројот на продадени станови откриваат дополнителна динамика. Гостивар бележи зголемување од 93 проценти, Штип 23 проценти, Прилеп 15 проценти и Тетово 13 проценти. Пад е евидентиран во Струмица – 20 проценти и Битола – 19 проценти.
Во периодот од 1 јули до 31 декември 2025 година во Регистарот се евидентирани вкупно 17.603 трансакции. Во споредба со првото полугодие од 2025 година, тоа претставува раст од 11,6 проценти, а во однос на второто полугодие од 2024 година – пораст од 6,4 проценти. Од Агенцијата оценуваат дека зголемената активност може да се поврзе со подобрени услови за финансирање и со растечка доверба во пазарот на недвижности.
Од вкупните трансакции во втората половина од 2025 година, 9.953 се продажби на недвижности, 2.031 се продажби од инвеститор, 306 се откупи од државата, а 75 продажби се реализирани преку лицитација – односно вкупно 12.365 купопродажби, што претставува благ раст од 3,4 проценти во однос на истиот период од 2024 година.
Сумирано, второто полугодие од 2025 година го потврдува трендот на раст на цените и на активноста на пазарот, со изразени разлики меѓу општините и градовите, но со јасна тенденција на засилена динамика во најатрактивните урбани средини.
Аналитика








