ПОВЕЌЕ

    Од 19 проекти само еден завршен – Капиталните инвестиции заглавени, државата губи пари и плаќа пенали

    Време зa читање: 10 минути

    Отсуството на систем за управување со јавни инвестиции и непреземањето на корективни мерки предизвикуваат застој и бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за реализација на проектите и високи фискални ризици за јавните финансии, како и ризик за економијата и животот на граѓаните. Ова е констатацијата на Државниот завод за ревизија по спроведената ревизија на успешност на тема “Реализација на капиталните инвестиции финансирани преку Буџетот на Република Македонија, ЕУ фондови и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа“. Со што ревизорите се обиделе да дојдат до одговор на прашањето „Дали постојната структура и реализација на капиталните инвестиции во Република Македонија обезбедува одржлив и инклузивен раст и подобар квалитет на живот на граѓаните?“.

    Со ревизијата опфатени се ефектите од планирање и реализација на капиталните расходи во Буџетот и проектите за јавни инвестиции предвидени во владините програмски документи.

    „Структурата на капиталните инвестиции во Република Македонија имаат високи фискални ризици за нивната реализација и се доведува во прашање исполнувањето на стратешката цел на Владата за остварување на одржлив и инклузивен раст и подобар квалитет на живот на граѓаните“, пишува во извештајот.

    Со ревизијата е констатирано дека прикажаните капитални расходи во Буџетот не се целосни и не даваат јасен и објективен приказ за износот на јавните инвестиции. И се забележува дека во Буџетот не се прикажани јавните инвестиции од ЈП за државни патишта, што не е во согласност со најновите методологии за владина статистика и има за ефект нецелосно прикажување на капиталните инвестиции во Буџетот.

    Во наративниот дел од Буџетот, посочуваат ревизорите, за годините 2021, 2022 и 2023 е наведено дека предложениот Буџет е во согласност со златното правило во јавните финансии според кое: ,,капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит, односно наведено е дека ќе се позајмува само за финансирање на инвестициски проекти“. Ова правило е остварено само во 2023 година, во која реализираните капитални расходи се поголеми од вредноста на буџетскиот дефицит.

    „Системот за управување со јавни инвестиции не е воспоставен, а процесот на планирање, приоретизирање и алоцирање на средствата во Буџетот за јавни инвестиции не е соодветно дефиниран со тековниот Закон за буџетите со цел алоцирање на јавни средства за најприоритетни инвестиции“.

    Исто така, наведено е дека системот на управување не е единствен и целосен, односно е фрагментиран по проекти и по начин на финансирање. А, нема ниту единствена база на проекти од која може да се видат јавни инвестиции и стратешки проекти кои се реализираат, нивната вредност, динамика на реализација, начинот на финансирање, видот на градба и други податоци и информации кои би служеле за процени и анализи за потребите на државата.

    Од 24 ревидирани проекти со вредност од 3,950 милијарди евра, за 19 се склучени договори за градба со вредност од 2,744 милијарди евра, а за пет – иако подготовките се започнати пред повеќе години, се уште нема склучено договори за градба.

    За посочените 19 проекти реализирани се 941,8 милиони евра, а само еден е завршен. Кај шест  има застој – за четири проекти раскинати се договорите, од кои за три има меѓународна арбитража и побарување за штета во вкупен износ од 45,5 милиони евра; за два проекти постои неизвесност поради изминат рок на градба, а не се склучени нови анекси кон постојните договори.

    Проектот за изградба на Пречистителна станица за отпадни води на Град Скопје e најголема инвестиција од областа на животната средина за кој од државата се обезбедени 196 милиони евра, а од ЕУ се доделени 69,7 милиони евра. „Подготовката на овој проект е започната во 2007 година, а во 2014 година направена е надградба и ажурирање на студијата за изводливост за изградба на пречистителна станица за отпадни води во градот Скопје, но и по десет години проектот не е подготвен за физичка реализација“, забележале, меѓу другото, ревизорите.

    Исто така, се посочува и на повеќегодишната акциска програма за животна средина и климатски акции и транспорт во ИПА II периодот (2014-2020), каде што има седум големи проекти со вредност од над 10 милиони евра, од кои два се од областа на транспортот, а пет од животната средина. Проценети се на 715,5 милиони евра, а со билатералните договори меѓу ЕУ и државата, доделена е финансиска помош од 179,7 милиони евра.

    „После 10 години од програмскиот период, започнато е со реализација на три проекти кои се стопирани или имаат бавна динамика и за кои има декларирани трошоци во вкупен износ од 29 милиони евра. За два од три проекти кои започнале со реализација постојат и дополнителни фискални ризици од меѓународна арбитража, односно за подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадни води во Град Скопје започната е постапка за арбитража, а за изградба на патна делница Градско Дреново, Коридор X-d, постои неизвесност за целосна реализација и ризик од арбитража“.

    Ревизорите наведуваат и други проекти, како тој за рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Кичево, потпишан во јануари 2023, реализација официјално започната во март 2023 година, крајниот рок за декларација на трошоците е октомври 2024, „но процентот на реализација до денот на ревизијата изнесува 2%“. Поради неспроведени тендерски постапки и не склучени договори има можност да се изгубат грантовите добиени за изградба на пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и надградба на канализациона мрежа во Општина Битола; на пречистителна станица и проширување на канализациона мрежа во општина Тетово; на интегриран самоодоржлив систем за управување со отпад во Источен и Североисточен регион; и на нова железничка делница Крива Паланка граница со Република Бугарија како дел од Коридор VIII, фаза 3. „Од оваа програма до денот на ревизијата откажани се 79 милиони евра ЕУ средства, а постои голема неизвесност за искористување на останатата финансиска помош во износ од 100,7 милиони евра поради тоа што Програмата завршува на крајот на 2026“.

    Оттаму и констатацијата – „нискиот процент на апсорпција на средства за големи инфраструктурни проекти покажува дека постојат проблеми во административниот капацитет за управување со структурните фондови на ЕУ во однос на поглавјето 22…“.

    За проектите изградба на Коридорот VIII од железничката инфраструктура кон исток фаза 1 и 2 започнати во 1996 година, а се уште не се завршени, се наведува дека нивната вредност е зголемена и платени се провизии за неповлечени средства во износ од 4,6 милиони евра поради неисполнети услови за ефективност на заемот во период од седум години, што укажува на неефикасно управување со овие стратешки проекти.

    „За проектот изградба на Коридор VIII од железничка инфраструктура кон исток, фаза 3, фазата на планирање и подготвување на проектот трае предолго и постои голем ризик од губење на ИПА грант средствата во износ од 60,765 милиони евра и идни фискални импликации поради потреба од обезбедување на дополнителни средства од Буџетот на државата. Во исто време нагласуваме дека вредноста на проектот е зголемена од првично планираната. Според билатералниот договор склучен помеѓу Европска Унија и Република Северна Македонија таа е 340 милиони евра, додека до денот на ревизијата вредноста е зголемена и проценета на 560 милиони евра, што претставува зголемување во износ од 220 милиони евра“, пишува во извештајот.

    Што се однесува, пак, до изградбата на Автопат 2 патна делница Кичево Охрид, се вели со договорот за градба со анекс бр.3 е проценета на 589 милиони евра, а првичната вредност изнесува 411 милиони евра. „Проектот и после 10 години не е завршен, а финансиската реализација изнесува 466,4 милиони евра“. Инаку, се појаснува дека со скличениот анекс бр. 6, крајниот рок за изградба е поместен на 31.12.2026 година.

    Зголемена е вредноста од 112 на 198 милиони евра за 10,5 км автопат на проектот за поврзување на Скопје до границата со Косово, кој не е започнат, а се планира повеќе години.

    За изградба на инфраструктурен Коридор 8 и Коридор 10д во должина од 108 км и со проценета вредност во износ од 1,319 милијарда евра донесен е специјален Закон со кој се уредени условите и начинот за градба. Ревизорите со компаративна анализа за цената на изградба утврдиле дека во „петгодишниот план на транспортната заедница од април 2022 година индикативната вредност наведена за планираните делници изнесува 585 милиони евра или 475 милиони евра без делницата Букојчани- Кичево“, а индикативната вредност според cost benefit анализата/физибилити студијата 2 изработена од Градежниот факултет од декември 2022 изнесува 1.275 милиони евра. „Цената на проценетата вредност во договорот е во рамките на cost benefit анализата“.

    Бидејќи согласно донесениот посебен Закон за овој проект не се спроведува јавна набавка, а согласно начинот на градба не е однапред подготвена техничка спецификација на ниво на основен проект, како и поради специфична метода на брза градба која досега не била применета, со ревизијата не може да се потврди утврдената вредност за овој проект.

    Иако станува збор за проект од ТЕН-Т инфраструктура, Трансевропските коридори поради избраниот начин на финансирање преку Буџетот дефиниран со посебен Закон, а не со заеми од официјални кредитори, за него не е побарано користење на инвестициски грант.

    За градбата се применува модифициран црвен FIDIC, нема основен проект поради што и проценетата вредноста на проектот е неизвесна.

    Заклучно со декември 2023 година само 0,12% од трошоци се однесуваат за градба што покажува отстапување од планираната динамика за градба, се вели во извештајот.

    За проектите од сектор здравство – изградба на Клинички Центар Скопје и на регионална болница Штип се посочува дека се откажани поради раскинати договори за заем и договори за градба. Поради тоа, има високи фискални ризици врз јавните финансии. И во двата случаи е покрената арбитража, за првиот конзорциумот на изведувачите има побарувања од 23,5 милиони евра, а за вториот изведувачот бара 22 милиони евра.

    Изградбата, пак, на нов здравствен објект во Кичево е почната пред повеќе од 25 години, работите се повторно активирани во 2014 и 2020, а вредност на проектот изнесува 16 милиони евра, но „поради слаба динамика на реализација на договорот со изведувачот во втората половина во 2023 година договорот е раскинат“.

    Не е завршена ниту изградбата на три капитални проекти во водостопанството, иако е започната активност за нивна реализација уште во октомври 2015, односно декември 2016 година.

    „За трите проекти Брана Конско – Гевегелија, Брана Речани на Оризарска река – Кочани и ХМС Равен – Речица, Полог со вкупна договорна вредност од 91 милион евра, не биле создадени услови за почеток за градба, спроведена е постапка за јавна набавка на работи и склучен е договор за изведување на градежни работи.

    Договорите се склучени, иако за инфраструктурните градби немало одобрение за градба, не била решена експропријацијата, имало и потреба од дополнително проектирање поради што и по седум години од склучените договори не се завршени градбите“, нотирале ревизорите.

    Со извршената ревизија дадени се препораки до надлежните за отстранување на утврдените состојби, воспоставување на потребниот систем за управување со јавните финансии, завршување на капиталните инвестиции и обезбедување одржлив и инклузивен раст и подобар квалитет на животот на граѓаните.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично