ПОВЕЌЕ

    Какви се очекувањата на Комерцијална Банка за претстојниот период

    Време зa читање: 3 минути

    Макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во текот на 2021 година се условени од ефектите од здравствената и економската криза која започна на почетокот на 2020 година. Покрај изразеното неповолно влијание на здравствената криза, макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност исто така е условено и од геополитичките состојби, блокадата на евроинтеграциските процеси на Државата и домашните политички случувања.

    Во услови на значајно влошување на меѓународното економско окружување и негативни економски импликации од спроведувањето на мерките за спречување на ширење на коронавирусот во земјата, економската активност во 2020 година се очекува да забележи пад кој би се движел од -5,4% до -4,9%, при претпоставка шокот од пандемијата да се пролонгира во 2021 година. Економското заздравување се очекува да продолжи со поумерено темпо во текот на 2021 година, при што е проектиран економски раст од 3,9% до 4,8%.

    Се очекува да биде одржана макроекономската стабилност во Република С. Македонија преку одржување на ценовната стабилност и стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Просечната годишна стапка на инфлацијата, мерена според индексот на трошоците на животот, во 2020 година се очекува да изнесува околу 1%, како резултат на пад на увозните цени и на домашната побарувачка. Потоа, во 2021 година стапката на инфлација би останала на ниско и предвидливо ниво кое би се движело околу 1,5% годишно.

    Динамиката на кредитниот раст бележи забавување во 2020 година, додека годишниот пораст на вкупните кредити на банкарскиот систем во 2021 година се очекува да достигне околу 6,0%. Порастот на кредитите би се финансирал првенствено од депозитната база на банките, при што се очекува растот на вкупните депозити на нефинансискиот сектор да достигне околу 6,2% во 2021 година.

    Реализацијата на макроекономските проекции е придружена со ризици кои се поврзани со долготрајноста и последиците на здравствената криза, интензитетот на ефектите врз економијата и резултатите од економските мерки за нејзино ублажување, како и ризиците поврзани со евроинтеграциските процеси и задржувањето на политичката стабилност во земјата.

    Банката ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред се’ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите кои ќе бидат најзасегнати од здравствената и економската криза.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично