Имлек, компанијата со статус на водечки балкански производител на млечни производи, во чии рамки е и македонскиот Бимилк, преминува во сопственост на двајца бизнисмени од Србија. Тоа се Андреј Јовановиќ, искусен претприемач и инвеститор, предводник на семејниот инвестициски холдинг AJFH и Бојан Радун, менаџер и актуелен генерален директор на Имлек. Компанијата ќе ја преземат од фондот MidEuropa, за што е потпишан договор, кој предвидува купопродажната трансакција да се заокружи во првиот квартал од идната година.
Во составот на Имлек, освен Бимилк се и два производни погони во Србија, како и Млијекопродукт од Босна и Херцеговина. Годишната преработка на млеко е меѓу 350 и 400 милиони литри, а компанијата соработува со повеќе од 3.500 фармери во регионот. Со логото на Имлек, на пазарите се пласираат повеќе од 200 разновидни млечни производи, од кои најпрепознатливи се брендовите „Моја кравица“, „Баланс +“, „Грекос“… и секако „Битолско“. Седиштето на компанијата е во Падинска Скела.

AJFH – Andrej Jovanovic Family Holding е дел од Andrej Jovanovic Family Office. Функционира како семејна инвестициска компанија, насочена главно кон вложувања во приватниот капитал и на финансиските пазари. Притоа, како што е наведено на нивната веб-страница, водејќи сметка тоа да се структурно растечки и ациклични компании со силни менаџерски тимови.
Основата на Family Office е во Marbo Product, препознатлив по производството на грицки, кооснован од Јовановиќ, а потоа продаден на PepsiCo. Андреј Јовановиќ, кој зад себе има над 30-годишно искуство, е сосопственик на групацијата Моји Брендови – регионална платформа фокусирана на брендови од прехранбената и од индустријата за пијалаци, во кои покрај Имлек се Бамби и Кнез Милош. За него пишува и дека учествувал во успешната консолидација на српскиот банкарски сектор преку Директна банка.

Бојан Радун, кој од 2018 година е генерален директор на Имлек, ќе ја задржи и натаму таа позиција. За него може да се прочита дека има повеќе од две децении лидерско искуство во FMCG секторот, при што бил генерален директор на кондиторскиот и на производителот на скокови – Бамби и Нектар, каде што има значителен сопственички удел. Претседател е на Управниот одбор на Hortex, за кој се наведува дека е важен играч во сегментот на замрзната храна и сокови во Полска. Во текот на својата кариера, успешно работел на трансформација и проширување на одделни познати регионални потрошувачки брендови.
Двајцата бизнисмени ги здружуваат силите во Имлек, каде што гледаат значителен потенцијал за дополнително зајакнување на позицијата што компанијата ја има како водечки регионален производител на млеко, преку континуирани инвестиции и иновации.
„Имлек е исклучителна компанија со длабоки корени, силни брендови и извонредни луѓе. Убеден сум дека заедно со Андреј Јовановиќ и тимот на AJFH можеме да создадеме дополнителна вредност и уште повеќе да ја зајакнеме улогата на Имлек како најдоверлив млечен бренд во Србија и во регионот“, изјавил Радун.
Што се однесува до македонскиот репрезент во Имлек – Бимилк, во неговите погони се произведуваат повеќе од 80 млечни производи. Според податоците за минатата година, зад постигнувањата стојат 238 работени, а резултатите се приход од 48, 3 милиони евра (+11,52 %) и добивка од 2,7 милиони евра, речиси удвоена за една година (+98,6 %).
Аналитика








