ПОВЕЌЕ

    Професор Златко Арсов: Новиот закон за заштита од пушење мора да се усогласи со важечката регулатива од областа на тутунот

    Време зa читање: 4 минути

    Нејасни и непрецизни дефиниции на терминот пушење и тутунски производи кои директно се косат со други важечки закони, целосни забрани за супстанции за кои науката докажала дека не се штетни, неправедно изедначување на сите производи кои содржат никотин, се само дел од пропустите во новата верзија на предлог-законот за заштита од пушење, на кои укажа професорот Златко Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна.

    Како долгогодишен експерт за тутун, Арсов во неговото гостување во емисијата „24 aнализа“ ги посочи главните проблеми во законската регулатива од аспект на негово поле на експертиза. Според најавите на министерот за здравство, Азир Алиу, законската регулатива требаше да се разгледа во Владата вчера, но беше одложена. Иако Алиу неколкупати изјави дека при подготовката на предлог-законот за заштита од пушење биле консултирани сите засегнати страни и стручната јавност, Арсов укажува на неколку важни согледувања кон новиот, доработен предлог.

    – Производството и прометот на тутун се регулирани со Законот за тутун, тутунски и сродни производи. Првата верзија на предлог-законот беше напишана како воопшто да не постои Законот за тутун. Јас реагирав дека во предлог-законот се употребуваат дефиниции кои не се во согласност со Законот за тутун и дека практично Министерството за здравство се меша во некои ингеренции што не му припаѓаат. Во втората верзија на предлог-законот се направени одредени измени, но сепак сѐ уште не се поправени сите недоследности – рече професорот Арсов.

    Главниот проблем, според него, е што во Законот за заштита од пушење се дава сосема нова дефиниција за тоа што е пушење, различна од таа во Законот за тутун, тутунски и сродни производи, како и во регулативите на повеќето европски земји. Министерството за здравство како пушење го дефинира користењето на сите производи со никотин, со што ги изедначува цигарите со уредите за загревање тутун, електронските цигари и никотинските ќесички, иако станува збор за суштински различни производи кои постојат на пазарот и не може да се занемарат.

    Во новиот предлог-закон, дефиницијата за пушење важи подеднакво за сите производи, сосема спротивно од Законот за тутун кој пушењето го дефинира како поседување или користење на тутунски производ кој согорува, без оглед дали чадот активно се вдишува, со што под пушење се подразбира само користењето цигари.

    – Научно е докажано дека производите кои не го согоруваат тутунот се помалку штетни од обичните цигари бидејќи содржината на никотин е многу намалена, уште повеќе е намалена содржината на катранот, а и јаглерод моноксид дури има многу малку. Во атмосферата тие испуштаат многу малку чад во споредба со обичните цигари. На пазарот се појавија и никотински ќесички чија содржина е никотин, носачот е целулоза и се додаваат адитиви за арома и вкус. Затоа законското решение треба, освен превенција и укажување дека никотинот е штетен за младите, да даде алтернатива дека некои производи може да се користат во затворен простор, а да не се штетни по здравјето на непушачите – истакна Арсов.

     

    Според професорот, проблематични се и законските одредби во предлог-законот за заштита од пушење со кои се регулираат и адитивите во тутунските производи, односно се забрануваат различните ароми во сите никотински производи. Арсов објасни дека користењето на адитивите веќе е регулирано во Законот за тутун и тоа на различен начин од регулативата во новиот предложен закон.

    – Не знам од кои причини се забранува употреба на ментол како адитив за арома, бидејќи во медицината имаме инхалација со помош на ментол, за кој е познато дека не е штетен. Во производството на цигари, ментолот се додава во филтерот на цигарите во вид на гранули кои не согоруваат, туку само се загреваат и испаруваат. Со новиот закон се забрануваат и овошни ароми за кои не е научно докажано дека се штетни и дека токму тие го прават пушењето атрактивно – рече Арсов.

    Како друга законска нелогичност, професорот Арсов ја истакна одредбата дека се забранува пушење во наставно-научни институции, во кои спаѓаат и двете акредитирани лаборатории за анализа на тутун и тутунски производи во рамки на Факултетот за земјоделство и храна и во Научниот институт за тутун во Прилеп. Ако вака се усвои законот, овие лаборатории нема да смеат да го користат методот на дегустација на цигарите и другите тутунски производи за да може да ги испитаат и оценат. Според Арсов, станува збор за институции специјализирани да истражуваат околу тутунот, а се ставени во ист ранг со сите други институции каде што се забранува пушењето.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично