ПОВЕЌЕ

    КОЛУМНА I Новиот Закон за енергетика: Предизвици и можности за Македонија

    Време зa читање: 5 минути

    Во мај 2025 година, Северна Македонија направи голем чекор напред со донесувањето на новиот Закон за енергетика. Овој закон не е само формален документ – тој е вистински системски и реформски проект кој има потенцијал да ја промени иднината на енергетскиот сектор во земјата. Но, како и секоја голема реформа, носи и предизвици, и можности кои треба да ги разбереме и искористиме.

    Зошто е важен овој закон?

    Законот има јасна цел: да обезбеди сигурно, стабилно и квалитетно снабдување со енергија, да ја зголеми употребата на обновливи извори како сонце и ветер, и да го отвори пазарот за фер и конкурентна игра. Особено важно е што се грижи за ранливите потрошувачи и создава услови за инвестиции – и домашни и странски.

    Процесот на донесување беше инклузивен, со учество на институции, експерти, бизнис секторот и граѓански организации. Ова е добар знак дека законот е темелно подготвен и усогласен со европските стандарди, што е клучно за нашата интеграција во Енергетската заедница и за идниот развој.

    За почитување се интересот и коментарите за овој закон затоа што оваа тема е важна за сите нас. Сепак, за да бидеме сигурни дека законот ќе се разбере и примени правилно, најдобро е да го коментираат луѓе со соодветно знаење и искуство. На тој начин ќе избегнеме недоразбирања и ќе помогнеме сите заедно да имаме појасни и пофер решенија. За жал во јавноста се провлекуваат коментари и се бараат одредени чекори кои се веќе реалност и се применуваат во пракса. Затоа сметам дека од исклучителна важност е дебатата да се одвива на вистински експертско ниво, за и ние со својата експертиза да можеме да дадеме квалитетен придонес кон развојот.

    Главните новини што треба да ги знаеме

    Една од најзначајните промени е официјалното препознавање на складирањето на енергија како посебна дејност. Ова е клучно за стабилноста на системот, бидејќи помага да се балансираат флуктуациите во производството од обновливи извори. Иако трошоците за батерии се сè уште високи, ова е инвестиција во иднината.

    Новина е и тоа што законот предвидува формирање на т.н. енергетски заедници како дел од визијата за модерен, одржлив и конкурентен енергетски систем. Овие заедници им овозможуваат на граѓаните да станат активни учесници во енергетскиот пазар, а не само пасивни потрошувачи.

    Енергетските заедници се формираат на пример од неколку соседи кои заедно можат да постават соларни панели, да произведуваат електрична енергија за своја потреба и да го продаваат вишокот струја.

    Покрај тоа, законот ја зголемува улогата на операторите на преносниот и дистрибутивниот систем – МЕПСО и ЕВН – кои сега ќе мораат да работат поцврсто заедно за да го одржат балансот и стабилноста на мрежата. Воведени се и обврски за паметни броила, што ќе донесе поголема транспарентност и подобро управување со енергијата.

    Факт: Влијанието на паметните броила врз потрошувач-ката

    Малите промени во нашите домови, како користење енергетски ефикасни апарати и следење на потрошувачката преку т.н. паметни броила, можат да направат голема разлика за нашите сметки и за животната средина

    Во земјите каде што се воведени паметни броила, потрошувачите во просек ја намалиле потрошувачката на енергија за 10-15%. Ова значи помали сметки и поголема контрола врз тоа како и кога ја користиме енергијата.

    Заситеност на мрежата – реален предизвик

    Сепак, не смееме да ги игнорираме реалните технички ограничувања. Во моментов, мрежата е речиси заситена со обновливи извори – веќе се користат околу 950 MW, а без дополнителни мерки, максималниот капацитет е околу 1000 MW. Ова значи дека ако сакаме да продолжиме да развиваме зелена енергија, мораме да вложиме во инфраструктура, складирање и паметно управување.

    Непочитувањето на овие правила може да донесе сериозни последици: преоптоварување на мрежата, нестабилни цени и зголемени сметки за потрошувачите. Во најлош случај, штетите може да бидат огромни, и тоа веќе во првата година од имплементацијата.

    Како ќе се менуваат улогите на главните играчи?

    ЕВН добива нови обврски – од воведување паметни броила до поддршка на нови произво-дители и складишта na energija. Ова носи зголемени трошоци, но и поголема транспарен-тност и заштита за потрошувачите.

    МЕПСО и ЕЛЕМ, пак, ќе имаат поголема улога во стратешкото планирање и интеграција на обновливите извори. Ова е одлична можност да се подобри координацијата и стабил-носта на системот.

    Заклучок: Патот кон зелена и стабилна енергетска иднина

    Новиот закон за енергетика е важен чекор кон европската хармонизација и зелена транзиција. Но, успехот нема да дојде сам од себе. Потребни се итни инвестиции, техничка поддршка и политичка волја за да се надминат предизвиците и да се искористат можностите.

    Само преку одржлив и фер пристап кон обновливите извори и модернизацијата на системот, Република Северна Македонија може да постигне вистинска енергетска трансформација – стабилна, праведна и достапна за сите.

    Пишува: Арсен Арсенов
    (Авторот е професор на Факултетот за електротехнички и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во пензија)

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично