
По години без директна авионска поврзаност, Македонија и Саудиска Арабија влегуваат во процес што треба да овозможи воспоставување редовни авиолинии меѓу двете земји. Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арабија, со што се поставува основата за регулирање на идниот авиосообраќај.
Досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај. Со новата спогодба треба да се создаде правна рамка што ќе овозможи отворање редовни линии од македонските аеродроми кон аеродромите во Саудиска Арабија. Од Министерството посочуваат дека документот предвидува либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, со цел да се поттикне конкуренцијата, да се овозможат пониски цени за патниците и да се воведат поквалитетни услуги.
Истовремено, со спогодбата се гарантира примена на највисоки стандарди за безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај, во согласност со меѓународните правила во областа на цивилното воздухопловство. Во наредниот период ќе следуваат официјалните процедури за регулирање на сообраќајот согласно националните прописи и меѓународните стандарди.
Од Министерството очекуваат воспоставувањето редовни авиолинии да придонесе за интензивирање на економската соработка, развој на туризмот, зголемување на трговската размена и унапредување на севкупните билатерални односи. Како што наведуваат, ваквите спогодби претставуваат важен инструмент за подобрување на поврзаноста меѓу државите и зајакнување на економската, политичката и институционалната соработка.
Македонија и Саудиска Арабија, како што посочуваат надлежните, негуваат пријателски односи и изразуваат заемна заложба за продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес, а воздушното поврзување се гледа како дополнителен чекор во таа насока.
Аналитика








