Владата предлага нов закон со кој државата ќе се задолжи со 40 милиони евра кај Кредитната банка за обнова – КфВ, за финансирање на втората фаза од Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентски домови и објекти за ученици и студенти со попречености. Предлогот е на дневниот ред од денешната 83-та пленарна собраниска седница.
Со проектот, кој веќе се спроведува во прва фаза, опфатени се девет државни студентски домови низ земјава, а во втората фаза се проширува опфатот и со основни и средни училишта со ресурсни центри за ученици со посебни потреби, како и ученички дом во Велес. Дел од средствата се наменети и за реконструкција на мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
Покрај заемот од 40 милиони евра, проектот ќе биде поддржан и со грантови. Според образложението во предлог-законот, веќе се обезбедени 5,5 милиони евра грант преку инструментот WBIF-REEP+2, како и дополнителен грант од 1,25 милиони евра од КфВ, додека во тек е постапка за одобрување на уште 10,4 милиони евра грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан, за што одлука се очекува на почетокот на 2026 година.
Средствата ќе се користат за темелна енергетска рехабилитација – нови фасади, замена на електрични и водоводни инсталации, модерни системи за греење, ЛЕД-осветлување, поставување фотоволтаици, подобрување на санитарните услови и адаптација на просториите за лица со попречености. Кај училиштата со ресурсни центри е предвидена и изградба на лифтови и специјализирани простории за нега и поддршка.
Заемот ќе има рок на отплата од 15 години, со грејс период до пет години. Каматната стапка е варијабилна и се врзува за Еурибор плус маргина од 1,37 отсто, што на крајот на 2025 година изнесува 3,48 проценти. Предвидена е и еднократна провизија од 1 отсто од износот на заемот, како и 0,25 отсто годишно за неповлечениот дел. Крајниот рок за повлекување на средствата е мај 2031 година.
Инаку, првата фаза од Проектот се реализира со заем од КфВ од 20 милиони евра и грант од 4,78 милиони евра од Европската унија, но тие средства, како што наведува предлагачот, не се доволни за целосна реализација на планираните активности.
Веќе годинава студентите треба да се вселат во обновените студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“. Во „Стив Наумов“ ќе има 43 еднокреветни, 22 двокреветни, 327 трикреветни и 11 соби за студенти со посебни потреби. Во „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе има 216 еднокреветни, 12 двокреветни, 14 трикреветни соби и два апартмани.
Целта на проектот е долгорочно подобрување на условите за живеење и образование, намалување на енергетската потрошувачка и создавање поинклузивна инфраструктура за студентите и учениците со попречености.
Аналитика








